еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Галерија) Винарија „Чифлик“: Опкружена со прекрасна природа, градини во склоп на винскиот ресторан, семејна традиција во производство на вино

Винарија „Чифлик“ е лоцирана во пазувите на планината Баба, во живописно подрачје под селото Брусник, Битола. Опкружена со прекрасна природа, поглед кон убавите пространи планини и секако градот Битола. Амбиентот е надополнет со неколку прекрасни тераси и градини во склоп на винскиот ресторан со што се надополнува убавата атмосфера на опкружувањето.

Сопственикот на винаријата, Филип Стојчевски за „еМагазин“ вели дека се работи за семеен бизнис.„Чифлик“ е нова инвестиција на нивната компанија која датира од 1989 година и функционира во уште неколку сектори.

„Зад идејата за креирање на еден ваков концепт стоеја неколку мотиви: пред се беше нашата желба да ја продолжиме семејната традиција за производство на вино по рецепти кои датираат уште од мојот прадедо.

Истовремено имавме желба да креираме локација и своевиден монумент кој ќе остане да живее и долго после нас а ќе придонесе за вистинско обогатување на туристичката понуда на Битола и воедно ќе ја продолжи традицијата за производство на добро вино, имајќи предвид дека во градот беше лоцирана една од најголемите винарии, која за жал згасна со текот на годините и транзицијата.

Исто така, како љубители на добрата храна, сакавме да креираме концепт во кој на нашите посетители ќе им овозможиме да уживаат во вкусен избор на традиционални и интернационални рецепти во комбинација со нашите вина поради што целиот концепт го надополнивме со вински ресторан.

И за крај со цел да понудиме комплетно искуство на нашите посетители како и да ги мотивираме да се задржат во Битола на подолг период го комплетиравме објектот со сместувачки капацитет креирајќи ја нашата Чифлик бутик винарија,“ вели Стојчевски.

Амбиентот на совршено се поклопува со природата, користена е изградба на природни материјали кои нема да отскокнуваат од опкружувањето.

„Идејата беше објектот да го надополни и комплетно да се фузира со прекраснaтото природно опкружување кое веќе го имаше самата локација. Користени се природни материјали каде нашата желба беше да доминираат каменот и дрвото како преовладувачки елементи.

За дизајнот на целиот концепт користени се архитекти но пред се исите се водеа доминантно од нашата лична замисла и насоки,“ додава Стојчевски.

Винаријата „Чифлик“ е специјализирана за производство на вино со комбинација на традиционални и современи методи, но со минимум интервенција, сакајќи да ја задржат „најчистата” форма на виното.

„Во нашата палета на бели вина произведуваме: „темјаника“, „шардоне“, „совињон блан“, и „куве“, кое е комбинација од неколку сорти на грозје. Во палетата на црвени вина се произведуваат: „кабернет совињон“, „вранец“ и „ambrosia cuvee“ (комбинација од „кабернет совињон“, „мерло“ и „вранец“) и е дел од нашата семејна традиција.

Дополнително имаме и барикни верзии на „шардоне“ (Single Barrel), „кабернет совињон“ (Adonis) и „вранец“ (Adrestia). Исто така како дел од палетата на вина произведуваме и „розе“ од единствената автохтона македонска сорта (станушина).

Наскоро ќе биде произведена и нашата прва лозова ракија, по добивањето на дозвола за мала дестилерија која е во завршна фаза,“ додава Стојчевски.

Во винаријата „Чифлик“ во ресторанот и терасите се одржуваат голем број на различни настани од различен тип.

„Најдоминантни се семејните прослави и веселби (крштевки, свадби, родендени) но исто така се одржуваат и доста корпоративни настани, конференции и сл. И секако тука се индивидуални музички настани во наша организација.

Во овој поглед сме доста флексибилни, а и самиот простор дозволува да се организираат настани токму како што нашите клиенти преферираат и замислуваат,“ додава Стојчевски

Ковид-кризата имаше и се уште има голем негативен ефект врз работењето на винаријата, поради карантините.

„Од почеток на кризата сме под константни рестрикции и видоизменети форми на исите кои креираат голем проблем во планирањето и работата. Сепак среќни сме што и покрај се не отпуштивме ниту еден вработен за време на кризата и сепак бележиме позитивни резултати и покрај тешкотиите.

Работите за жал сеуште не се вратени во нормала, затоа што после секој позитивен период следат некакви рестрикции кои повторно негативно се одразуваат во работата.

Сепак ние сме оптимисти, и ги вложуваме сите напори да оддржиме позитивен тренд во работата и да го извлечеме максимумот и покрај сите околности, секако се надеваме на што побрзо завршување на кризата како би продолжиле со полна пареа,“ завршува Стојчевски.

DCIM100MEDIADJI_0018.JPG
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

РКЕ им даде 90 дена на РКМ, Супертрејд, Пертинакс и Ли Оил да достават доказ дека ги поседуваат потребните резерви на мазут

Редакција

Налепници НМК “нема ни за лек”, граѓаните револтирани: Што сменија Грците, ни таблите со името?

Редакција

Пензионерите протестираа пред Владата за повисоки пензии

Редакција