еМагазин
Image default
Македонија

Владата и осумте пратеници од опозицијата ги договараат амандманите, утре конечен став

Владата вечерва во текст да го преточи тоа што е усно договорено за уставните амандмани на средбата во Собранието на Република Македонија меѓу премиерот Зоран Заев и осумте пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, е епилогот од вечерашната средба во Собранието.

Потоа текстот треба да им биде доставен на осумте пратенци на консултации и по објавувањето на договореното во јавноста од нивна страна во текот на утрешниот ден Владата на седница да ги утврди нацрт-амандманите за измена на Уставот согласно Договорот од Преспа.

На средбата не е прецизирано дали четирите предложени амандмани од пратеничката група ќе бидат инкорпорирани во нацрт-амандманите што ќе ги достави Владата до Собранието, или ќе бидат поднесени како амандамни на амандманите.

– На првата консултација беа дадени насоките, денеска зборувавме за суштината и мислам дека ги заокруживме. Останува, сега веднаш после оваа изјава, наше повлекување во Владата да го скицираме целиот текст на нацрт-амандманите којшто преточен во текст ќе биде уште еднаш испратен на консултации и верувам до крајот на денот потврден од новата пратеничка група се со цел утре Владата на РМ на владина седница да ги утврди нацрт-амандманите, изјави премиерот Заев по средбата.

Кога се ќе биде утврдено, додаде, јас како претставник на Владата објавувајќи ги нацрт-амандманите ќе го посочам каде и што е вградено.

– Еден дел ќе си биде вграден во Уставниот законик, еден дел ќе си биде вграден во самиот проглас на уставните амандмани којшто е акт за прогласување на уставните амандмани, така што верувам дека имаме решение. Сега останува да го преточиме тоа во зборови оти досега дискутиравме само, скициравме со пенкало и слично, сега да го преточиме во еден текст, да го видат конечно тој текст и да дадат конечна потврда дека е тоа така.

Јас верувам дека нивната верба која што ги водеше да се одважат, охрабрат и гласаат е со причина и денеска ја видов суштината на таа причина. Мене ми е многу драго што токму таа причина и нивно вградување во самите уставни амандмани разобличува уште една дилема која што постоеше цело време и во текот на кампањата за референдумот, пред кампањата, после потпишувањето на договорот, а тоа дека го потврдуваме македонскиот идентитет, рече Заев.

Сакам да најавам, потенцира, дека со предложените нацрт-амандмани секој пратеник во Собранието има можност да додаде амандман на самите амандмани како што се додаваат амандмани на закони. Не може нови амандмани, но може да се додадат амандмани на нацрт-амандманите од страна на Владата.

Премиерот не можеше да прецизира дали Владата ќе излезе со само четири амандмани на Уставот или ќе бидат повеќе.

-Не можам да кажам, мислам дека ќе бидат четири, може да бидат пет, може ќе бидат шест, се зависи како ќе се преточи духот на потребата на договорот од Преспа преточен во самите амандмани. Ние ги кажавме четирите намери за уставните промени, но секако сега веќе работиме на конкретниот текстуален дел каде треба да има своја импликација тоа. Може да биде четири, но може да бидат пет, може да бидат шест, може седум. Без разлика колку ќе бидат, важно е тоа да биде во духот на договорот од Преспа и во потребата на сите пратеници коишто се вратени во процедурата за промена на Уставот, посочи Заев.

Прашан дали во преамбулата ќе биде споменат и Охридскиот рамковен договор како што побара вицепремеиррот Бујар Османи, Заев рече дека се уште не е донесена одлука за тоа.

-Немаме донесено одлуки за оваа работа. До вечерва касно ќе работиме. Утре Владата ќе одлучува за овие прашања, така што кога ќе имаме конечно нешто околу тоа ќе го соопштиме, прецизира Заев.

Најави дека остануваат отворени, да направат се што е возможно и е во духот на договорот, за, како што рече да го направат инклузивен процесот и да предизвика што еможно преголем обем на консензус во македонскиот Парламент.

-Се со конечна цел заедно да застанеме онака како што и личи при утврдувањето на протоколот и процедурите на заокружување на имплементација на договорот од Преспа или договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција. Јас верувам дека постојат исто така многу пратеници коишто веруваат дека ова е единствениот начин Македонија да ја обезбеди својата иднина, а тоа е интеграцијата во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Верувам дека имаме фер и праведен договор од којшто и двете страни добиваат и Македонија и Грција и верувам дека времето многу брзо ќе го потврди дека сме на вистинската страна, рече Заев.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Владата на Зоран Заев преживеа

Редакција

Три активни пожари кај Сарај, Демир Капија и Дебар

Редакција

(Видео) Бугарски рапер испеа дека Македонија е територија, а македонскиот дијалект на бугарскиот, па наводно добил смртни закани

Редакција