Во првиот круг од локалните избори избрани се градоначалници во 34 општини од кои во 22 општини градоначалниците се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, девет се од коалицијата предводена од СДСМ, а тројца градоначалници се од ДУИ, соопштија од Државната изборна комисија (ДИК).
Во првиот круг градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се избрани во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип.
Градоначалници од СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Делчево, Дојран и Струмица.
Од ДУИ има тројца градоначалници избрани во првиот круг и тоа во Липково, Пласница и Сарај.
Битка за градоначалник меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг во 25 општини
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг меѓусебе ќе се борат за градоначалник во 25 општини.
Вкупно СДСМ во вториот круг ќе има кандидати во 32 општини плус Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ во 28 општини.
Кандидатите на Алијанса за Албанците/Алтернатива и ДУИ во вториот круг меѓусебе ќе се борат во осум општини, а во Тетово и Желино во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ и БЕСА.
Во Градот Скопје во вториот круг влегуваат независната кандидатка Данела Арсовска, која има освоено 85.657 гласа и кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, кој освоил 77.852 гласа.
Во Советот на Град Скопје, според ДИК, ќе има 17 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 12 од СДСМ, шест од ДУИ, четири од Левица, по два советника ќе имаат колаицијата на ЛДП и ДОМ и на Алијанса за Албанците/Алтернатива, како и „Зелен хуман град“.
Фото: МИА