Во Дебар расте бројот на новозаразени со Ковид-19, но и на оздравени лица.
Во последното деноноќие потврдени се два случаи на новозаразени со Ковид-19, што е 23-ти случај во овој месец. Најголема бројка на заразени или 10 беше регистрирана на први август, кога за жал еден заболен почина.
Во последните 24 часа во списокот на оздравени впишани се осум пациенти или девет овој месец. Најмногу оздравени, од почетокот на пандемијата, беа регистрирани на 31 јули или 17 лица.
Со денес потврдените случаи вкупната бројка на заразени сега изнесува 221, од нив во списокот на оздравени се впишани 91, починати се осум (двајца овој месец), додека активни на болеста се 122 лица, од кои десеттина се хоспитализирани во здравствени установи во Скопје.
Споредено со првата фаза од болеста, кога беа регистрани 51 случај на заразен, сите останати односно 170 се во втората фаза, поточно од петти јуни до денес.
Надлежните предупредуваат дека бројот на новозаразени ќе расте како последица на непочитување на препораките за одржување физичка дистанца и носење заштитна маска, потоа групирање, појава која е присутна, посебно на плажите на Дебарско Езеро, како и одржувањето мали веселби во домовите.
Дека дебрани на големо не ја почитуваат мерката за носење заштитна маска потврдуваат и последните статистички податоци на Одделението за внатрешни работи, според кои во изминатото деноноќие на 58 лица им се издадени прекршочни платни налози.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Чаир, Аеродром и Карпош со најмногу активни случаи на Ковид-19
Нови 139 случаи на Ковид-19, најмногу во Скопје и Куманово
МИА/Фото: Општина Дебар