Првото бебе родено годинава е машко и е четврто во семејството на Сузана и Горан Стошиќ. Родено е во првата минута од новата година и тежи 3 килограми и 70 грама, а долго е 50 сантиметри, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој информира и за другите настани за време на новогодишната прослава.
Филипче потенцираше дека се родени уште две бебиња, едно во 00:02 часот, додека другото бебе во 5 часот наутро е родено во Ковид-центарот, на мајка која е позитивна на коронавирусот.
– Посакувам да биде здраво успешно бебе. Има 3 килограми и 70 грама, долго е 50 сантиметри. Родено во првата минута веднаш после полноќ, а во втората уште едно бебе е породено. Првото со спонтано породување, второто со цезареа и е женско бебе, 3 килограми и 50 грама, 50 сантиметри и е прво бебе на мајката Симона Петровска.
И тоа посакувам да е здраво, понатаму во животот да биде успешно. Има уште едно бебе родено утрово околу 5 часот наутро во ковид центарот, тоа е мајка која е позитивна на ковид. Породувањето поминало без никакви проблеми и тоа бебе и мајката се добри, рече Филипче.
Директорката на ЈЗУ Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска рече дека сите деца породени после полноќ се добри, вклучувајќи го и тоа бебе кое што утрово се роди во ковид-центарот.
– По ова како ја поминавме ноќта се се чини дека годината ќе ни биде одлична. Сите деца породени после полноќ се добри вклучувајќи го и тоа бебе кое што утрово се роди во ковид центарот. Исто така и мајката е добра, спонтано породена и за брзо ќе замине дома,“ рече Јовановска.
Во службата за Итна медицинска помош имало околу 50 повици, во најголем број случаи заради пациенти кои се алкохолизирани, помалку пациенти повредени во физичка пресметка и неколку помали и една посериозна сообраќајна несреќа.
На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани околу 60 пациенти со Ковид-19, 40 од нив се на кислородна поддршка.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Првото бебе во 2022 година е машко, петта радост за семејството Стошиќ
МИА/Фото: МЗ