еМагазин
Image default
Македонија

Во Охрид наместо со уривање на дивоградбите, спроведувањето на препораките на УНЕСКО, ќе почне со регулирање на сообраќајот во Стариот град

Општина Охрид почнува со активности по препораките од УНЕСКО. Градоначалникот Константин Георгиевски денеска на прес-конференција информира дека утре почнува активност според препорака број 18, односно ќе презентира модел за регулирање на сообраќајот во Стариот град.

-Остануваме отворени за сите политички и општествени чинители во градот и во државата. Нудиме соработка на експертската јавност, граѓанскиот сектор и медиумите. Но, за да имаме одржливи решенија, неопходно е партнерство со граѓаните на Охрид.

Во таа насока, ја најавувам следната активност уште утре, активност според препорака број 18. Во Големата општинска сала ги повикуваме жителите на Стар Град од 20 часот на средба на која ќе се презентира моделот за регулирање на сообраќајот во ово дел, рече Георгиевски.

Тој додаде дека дополнително ќе печатат и материјали и ќе користат и други канали за комуникација со цел да се зголеми информираноста кај граѓаните и да се зајакне свеста за мерките што ги презема локалната самоуправа.

-Ништо нема да се случи преку ноќ, ниту пак ќе биде едноставен овој процес. Битката за спас на Охрид допрва ќе се интензивира. На сите полиња. Посветеноста моја како градоначалник, на Општината и на Владата е целосна и недвосмислена. Сите да си го одработиме тоа за што сме одговорни, затоа што во залог не е само Охрид, туку и функционалноста на политичкиот систем во државата. Одговорност за сите. Отстапки за никого, порача охридскиот градоначалник.

На прес-конференцијата информираше дека на 43-тата сесија на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО, во Баку, делагиција од Општина Охрид ги презентирала актуелните состојби и преземените чекори во регионот, по што Комитетот донел одлука делегацијата во февруари 2020 година да поднесе извештај со напредок по препораките, па на следната сесија да се одлучува дали охридското подрачје ќе биде ставено на листата на загрозени светски културни наследства.

– Нашата делегацијата оствари бројни билатерални среби со претставниците на земјите членки на Комитетот на кои беа презентирани актуелните состојби и чекорите што беа преземени во изминатот период од страна на Владата и Општина Охрид, по однос на 19-те препораки на последната реактивна мисија за охридско-струшкиот регион од 2017 година, нагласи Георгиевски.

Посочи дека на сите средби биле поздравени заложбите на Владата на Република Северна Македонија и Општина Охрид во однос на ревизијата на проектот на пругата кон Република Албанија, автопатот Струга-Ќафасан, напуштањето на проектот за експресниот пат А3, Охрид – Св. Наум, трајното напуштање на проектот за Ски центарот Галичица, како и за носењето на предлог-закон за мораториум на градба во охридско-струшкиот регион, носењето на планот со управување со културното наследство, формирањето на јавното претпријатие Колекторски систем и консолидација и модернизација на колекторот, изработката на елаборат за оценка на влијание на животната средина на Заливот на коските, одвојувањето на 240.000 долари за воспоставување систем за електронска регулација на нивото на езерото, регулацијата на сообраќајот во стариот дел на Охрид, изработката на регистарот на бесправно изгредени објекти, отстранувањето на неавтохтоните и инвазивни видови и материјали од центарот на градот и решеноста на Владата за во рок од шест месеци да се изработи Планот за управување со културно наследство на охридско-струшкиот регион.

– Едногласен беше ставот на членките на Комитетот дека презентираните чекори, политичка волја и подготвеност да се постапува по наодите на стручните тела на УНЕСКО, се значаен исчекор во однос на сите предходни влади, поради што се прифати амандманот на нашата делегација во февруари 2020 година да доставиме извештај за напредок по препораките, а на следната 44-та сесија, повторно да се разгледува целокупниот едногодишен напредок на властите во имплементација и отстранување на забелешките, истакна градоначалникот на Охрид.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Март: Пошто го губиме статусот на УНЕСКО, притвор за Миле Јанакиески„: Твитер реакции

Како ќе се урнат 409 дивоградби во Охрид за да се исполни условот за УНЕСКО, кога една дива платформа на Матка неможат да срушат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Левица ќе поднесе Предлог – закон за укинување на апанажата

Редакција

Нови 1.168 случаи на Ковид-19 од 3.353 тестирања

Редакција

Непотизмот на „најјако“: Синот на пратеничката на СДСМ, Мира Стојчевска вработен во ЕЛЕМ

Редакција