Во Пустец, во организација на здружението „Книжевен и културен активизам“ и македонското друштво „Сонце”, денеска беше промовирано делото „Буре барут”, на драматургот Дејан Дуковски, во превод на албански јазик, објави весникот „Македониум“.
На презентацијата присуствуваше и Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факутет при Универзитетот „Фан С. Ноли” во Корча, Пали Колефски, градоначалник на Општина Пустец, Васил Стерјовски, претседател на „Сонце“ и лидер на МАЕИ, наставници и ученици од средното училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиовски” од Пустец и други гости.
Делото „Буре барут” на албански јазик го презентираше Ерис Руси, професор на Универзитетот во Корча и претседател на здружението „Книжевен и културен активизам“.
„Благодарение на соработката со Институтот за книга и промоција во Албанија, здружението „Книжевен и културен активизам“ и даде живот на иницијативата „Соседите пред огледалото“ и ја донесе на албански јазик драмата „Буре барут“ на познатиот автор Дејан Дуковски од Македонија, во превод на познатата преведувачка Милена Селими.
Дејан Дуковски зазема значајно место во Македонија и е еден од најценетите драматурзи во панорамата на драмската уметност во Европа,“ рекол Руси.
Додал дека „како конкретен сведок на војната и конфликтите на Балканот, Дуковски ги опишува нејзините последици во претстава која е поделена на седум моменти, во секој населен со гротескен микрокосмос на очајни ликови кои го претставуваат сиот експлозивен потенцијал на ситуациите во кои секогаш се наоѓаат на работ на насилство”.
Според промоторот, „Буре барут“ не е само расплет на балканската природа, на контрадикторноста и апсурдноста што го анимира животот на заедниците и културите во постојан меѓусебен контакт.
МИА/Фото: „Македониум“