Значителното опаѓање на бројот на новозаболени во Тетово лекарите и надлежните од Општината го темелат на се поинтензивната вакцинација во градот. Докторката Миранда Пајазити од ковид центарот при клиничката болница објаснува дека се повеќе оние кои доаѓаат на преглед или контрола се лица со послаби симптоми кои се препознатливи за коронавирусот.
„Се помалку доаѓаат луѓе во најтешката терминална фаза, па има лица кои имаа блага форма на вирусот. Постои одреден тренд на опаѓање на бројките на новозаболени, а сметам дека за тоа придонес има вакцинацијата и достигнувањето на колективна имунизација.
Оваа недела процентот на имунизирани граѓани достигнува 38 отсто од населението, додека минатата недела изнесуваше околу 20 проценти,“ изјави Пајазити.
Градоначалничката Теута Арифи вели дека се следи состојбата од страна на Кризниот штаб за да се утврди дали средношколците по изминување на првите две недели онлајн настава да одат на училиште.
-Таму каде што се одвива со физичко присуство немаме засега ниту пријавени ученици, ниту други проблеми затоа што стриктно се почитуваат протоколите. Во однос на продолжување понатаму зависи од анализата што ќе ја направи Комисијата за заразни болести.
Во текот на овие две недели од први до петнаесетти септември тие сигурно ќе направат анализа дали ќе одат со физичко присуство и средните училишта.
Во моментот имаме намалување, не големо-мало на пријавени пациенти во болница, но секако се уште ја сметаме ситуацијата за сериозна, се додека бројот на лица кои се лекуваат со терапија со кислород е помеѓу 90 и 100 луѓе на ден, изјави денеска Арифи.
До утрово во седум часот во Ковид центарот за 24 часа по подолг период немаше смртен случај кај хоспитализираните со коронавирусот.
МИА/Фото: МИА