Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски на денешната прес-конференција соопшти дека моментално во земјава нема африканска чума кај свињите.
– Во државата во вој момент нема ниту еден регион и општина каде што се спроведуваат заштитните и контролните мерки, односно резултатите од примероците преземени во кланиците се негативни.
Исто така, и со извршените клинички прегледи на територијата на Општина Куманово, како последен регион каде што беа на сила овие мерки, како Агенција можеме да соопштиме дека во државата повеќе во ниту еден регион не се во сила мерките кои што ги спроведувавме за заштита и спречување и ширење на оваа болест, рече Бабовски.
Бабовски потенцира дека поради неодговорното сопствеништво и неодговорното однесување на одредени лица дошло и до ширење на болеста.
Тој информира дека актуелно поднеле три кривични пријави за одгледувачи на свињи кои довеле до ширење на болеста, посочувајќи дека понатамошната постапка веќе не е во надлежност на Агенцијата.
Информираше дека оваа болест не спаѓа во групата зооноси, односно не е опасна по здравјето на луѓето, меѓутоа, како што посочи, е фатална по здравјето на домашната популација на свињи.
Директорот Бабовски информира дека од почетокот на болеста, од 1 јуни 2022 година кога бил регистриран првиот случај во село Драмче во Општина Делчево, па до денес, одземени се и нештетно се уништени 4.216 свињи од 460 одгледувалишта на територијата каде што појавена болеста. Тој соопшти дека до Агенцијата заклучно со вчерашниот датум пристигнати се 493 барања за исплата на надомест на штета во вкупен износ од скоро 44 милиони денари.
Според него, најголемиот дел од овие средства веќе се исплатени кон одгледувачите, а она што е преостанато, како се обработуваат предметите во најскоро време и тие ќе бидат обесштетени.
Тој рече дека на територијата на цела држава ќе може да се изврши репопулација на свињарските фарми по точно дефинирани услови кои што се пропишани со Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на африканската чума кај свињите.
– Репопулацијата може да се врши на сите оние фарми кои што ги исполнуваат био-сигурносните мерки, односно кои што се категоризирани во фарми со среден и низок ризик, односно во сите оние одгледувалишта што беа во овие рестриктивни зони под надзор, може по барање на одгледувачите, односно фармите да се внесат нови животни, да се изврши репопулација на свињи по претходно утврдено дека на тоа одгледувалиште извршени се одредени мерки како што се чистење и дезинфекција кое го вршат ветеринарните надлежни друштва со кои одгледувачите имаат склучено договор, односно матичните ветеринарни друштва кои пополнуваат изјава и ја доставуваат до официјалниот ветеринар кој ја одобрува репопулацијата во тоа одгледувалиште.
Животните кои што ќе се внесуваат во фармите мораат да потекнуваат од одгледувалишта кои се регистрирани, кои ги исполнуваат био-сигурносните мерки и мора да имаат соодветен документ, односно сертификат за здравствената состојба на животните кои што и треба да се движат и да се внесат во самите фарми. Овој сертификат одгледувачите се должни во рок од 24 часа да го достават до ветеринарното друштво, а ветеринарното друштво во рок од 48 часа треба овие податоци да ги внесе во информатичкиот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, рече тој.
Бабовски апелира до сите одгледувачи да ги почитуваат мерките, а и до ловните друштва, концесионерите да вршат редовни пребарувања на теренот, бидејќи, како што посочи, резервоар на овој вирус се дивите свињи и потенцира дека можно е и во наредниот период да има позитивни случаи на африканска чума.
МИА