еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

(Вознемирувачко видео) Во терористички напад во Брисел убиени двајца Швеѓани, убиецот во бегство

Двајца шведски државјани се убиени синоќа од засега непознат вооружен напаѓач во белгискиот главен град Брисел, соопшти претставник на бриселската полиција.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, напаѓачот, кој носел портокалова јакна и бела кацига, веднаш по инцидентот побегнал од местото на настапот и се уште е во бегство.

Според белгиското Јавно обвинителство, инцидентот се третира како терористички напад.

Убиените Швеѓани носеле дресови на шведската фудбалска репрезентација, па бидејќи во Брисел синоќа се играше меч од квалификациите за Европското првенство во фудбал во 2024 година меѓу Белгија и Шведска, се претпоставува дека допатувале во белгискиот главен град за следење на натпреварот. Инцидентот се случил околу 19:15 часот на околу пет километри од стадионот “Крал Бодуен“, каде што се игра мечот.

Поради нападот шведските навивачи беа задржани на стадионот, а натпреварот беше прекинат.

По терористичкиот напад во Брисел, во консултација со двете селекции и локалните полициски власти, одлучено е квалификацискиот натпревар меѓу Белгија и Шведска да биде прекинат, изјави претставник на УЕФА.

Портпаролката на бриселската полиција Илсе Ванде Кере потврди дека се убиени две лица, но одби да даде повеќе детали за настанот. Таа информира дека полициски припадници пристигнале на местото на настанот набрзо по инцидентот и го блокирале реонот.

На социјалните мрежи е појави снимка на маж кој зборува арапски јазик и тврди дека е припадник на Исламска држава и дека тој го извршил нападот „во името на Алах“, но и дека убил три лица. Според непотвредни информации, станува збор за жител на бриселската населба Скарбек со туниско потекло. Скарбек е дел од Брисел каде мнозиството од жителиете се по потекло од арапските земји.

Белгиското Федерално јавно обвинителство потврди дека е запознато со видеото, но не може да ја потврди веродостојноста на тврдењата во него.

Дел од локалните медиуми објавија аматерски видеа на кои се гледа маж како стрела неколку пати од пушка, а некои пренесоа и изјави на очевидци кои тврдат дека пред да почне да пука извикал „Алаху Акбар“ („Алах е Голем“).

Властите на Белгија го подигнаа степенот на тревогата за тероризам во Брисел на највисоко ниво, додека во остатокот од земјата тој е на подигнат на едно ниво подолу.

Во врска со нападот се огласи и белгискиот премиер Александер Де Кро, кој на платформата Икс (Х) објави дека му изразил сочувство на неговиот шведскиот колега по вечерашниот „страшен напад врз шведските граѓани во Брисел“.

– Нашите мисли се со семејствата и пријателите кои ги загубија своите најблиски. Како блиски партнери, борбата против тероризмот е заедничка, наведе Де Кро.

Тој нападот го оквалификува како „кукавички обид за атентат“ и апелираше до жителите на Брисел да бидат „внимателни“.

Белгиската министерка за внатрешни работи Анелиес Верлинден објави дека во Брисел се случил „ужасен напад“ и дека „активно се трага“ по сторителот, информирајќи дека е свикана вонредна седница на владиниот Национален кризен центар.

Во врска со нападот се огласи и францускиот претседател Емануел Макрон, кој од Тирана изјави дека Брисел одново се соочува со „исламистички терористички напад“.

– Европа се тресе, рече Макрон.

Нападот доаѓа во време на засилени безбедносни мерки поврзана со конфликтот меѓу Израел и Хамас, што резултираше со зголеми тензиите во неколку европски земји, но засега нема потврда дека тој е поврзан со случувањата на Блискиот Исток.

МИА/Видео: Sky news

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Поради доцнење на државната помош, над 3.500 штипски текстилни работници од денеска на колективен одмор

Редакција

(Видео) Пожарот кај Богданци се уште не е ставен под контрола

Редакција

Зачестија грабежи: „Живот на коцка“ во скопските казина, но и во банките

Редакција