еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Вучиќ и Курти не се договорија во Брисел, дијалогот ќе го продолжат во Македонија

Вчерашната средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со претставници на Европската Унија во Брисел заврши без договор, но европскиот комесар за надворешни работи Жозеп Борел изјави дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог и дека тоа е рамка за нормализирање на односите меѓу двете страни.

Вучиќ рече дека е договорено следната средба да се одржи во Македонија на 18 март. Тој додаде дека разговорите во Брисел биле тешки и дека главниот камен на сопнување е Заедницата на српските општини на Косово.

– Имавме тешка средба и верувам дека ќе има уште многу во наредниот период. Треба да се видиме на 18 март во Северна Македонија, кога Борел ќе го посети регионот, а дотогаш ќе разговараме со Лајчак за работите што треба да ги спроведеме.

Во соопштението на ЕУ ќе се спомене неопходноста од спроведување на сите досегашни договори. Инсистирав на Заедницата на српските општини. Курти сега не беше подготвен да го прифати тоа, а дали ќе биде подготвен во иднина, ќе видиме, изјави Вучиќ.

По средбата, на која учествуваше специјалниот пратеник на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, Борел изјави дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност.

Тој додаде дека претседателот на Србија и премиерот на Косово на трилатералната средба во Брисел се договориле дека не се потребни дополнителни дискусии за текстот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово и дека текстот наскоро ќе биде објавен на веб-страницата на ЕУ.

– Сега, кога се договорија за тоа, текстот на планот многу брзо ќе биде достапен на јавноста. Овој план е пред се важен за луѓето кои живеат во Србија и Косово, за нивните граѓани. Според планот, граѓаните ќе можат слободно да се движат, да ги користат пасошите и документите, како и регистарските таблички, рече Борел.

МИА/Фото: Твитер/Борел

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Испораката на природен гас за Македонија не е прекината, имаме алтернативи, тврди Бектеши

Редакција

Седи дома: Бесплатни дигитални платформи, апликации и содржини за учење дома

Редакција

Маж и жена од Бугарија измамиле жена од Аеродром за 8.000 евра, Обвинителството бара притвор

Редакција