Судијата Огнен Ставрев за утре го одложи судењето за „ТНТ“, откако третообвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски не се појави во Судот бидејќи, како што рече неговиот адвокат, поради здобиените повреди од физичкиот напад треба да направи дополнителни испитувања на Клиниката за максилофацијална хирургија и на неврохирургија. Судот нареди Трајковски за утрешното рочиште стражарно да биде спроведен.
По паузата Судот констатира дека обвинетиот Тони Трајковски не е присутен во судница и не може да даде своја одбрана. За неговите повреди, како што рече судијата Ставрев, Судот нема добиено лекарски извештај, а во разговор со лекарот Судот е известен дека обвинетиот Трајковски од медицинската установа е отпуштен утрото во добра здравствена состојба и може да го следи претресот.
Адвокатот Јовица Страшевски посочи дека Трајковски покрај дополнителните прегледи, треба да прими и вакцина тетанус, бидејќи бил нападнат со метален предмет. Според него, Трајковски не е во ред да биде приведен затоа што неговата реална здравствена состојба е многу лоша.
-Тој има тешки повреди на телото, како што може да се види од фотографиите објавени во медиумите. Не може да зборува, има повреда од тврд предмет и треба да прима тетанус. Докторите му препорачуваат седум дена мирување, рече Страшевски.
Кажа дека нема информации за сторителите на физичкиот напад и дека МВР треба да го испита случајот.
Во полицијата синоќа околу 23:35 часот Т.Т. пријавил дека во Скопје на пешачка патека во близина на болница, по претходна вербална расправија со две лица, бил физички нападнат од нив.
Од МВР за МИА информираа дека се работи на расчистување на случајот.
Инаку, овој случај беше пречка утрово да почне судскиот процес „ТНТ“ за одмаздничкото уривање на „Космос“ на Фијат Цаноски, во кој третообвинетиот е Тони Трајковски, ексградоначалник на Гази Баба.
По неколку блокади на ова судење, судијата Ставрев сака да го заврши процесот деновиве, бидејќи на две поротнички им истекува мандатот и судењето ќе треба да почне одново.
Во случајот „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, потоа поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ