Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека за партијата е прифатлив и праг од еден отсто и воопшто да нема праг во однос на поднесувањето потписи за независна листа за кандидатура на локалните избори на претстојните локалните избори.
Во однос на Изборниот законик, и изјавата на премиерот Зоран Заев за намалување или укинувањето на прагот за потписи за независните листи, Мицкоски рече дека нивен принципиелен став е дека за нив е важно изборите да бидат фер и демократски и ќе ги прифат ваквите предлози.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
– Се што мислат дека е во насока на добри фер и квалитетни демократски избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати. Не сакале отворени листи – прифаќаме нема отворени листи, сакаат од два да намалат на еден отсто прифаќаме ако мислат дека и така треба, нека нема праг, само да имаме фер и демократски избори, рече Мицкоски пред состанокот со партијата Демократски сили на Ромите, нивен коалициски партнер по повод соработката на претстојните локални избори..
Според него, во преговорите за измените на Изборниот законик, предлогот за зголемување на прагот за независните кандидати како и барањата за отворени листи дошол од власта.
-Помалите партии бараа отворени листи, ВМРО-ДПМНЕ се сложи. Потоа се предомислија, ВМРО-ДПМНЕ повторно се сложи. Од страна на власта, исто така, се побара да се зголеми прагот на оние листи на кои им се потребни потписи за да ја истакнат својата кандидатура.
Бидејќи тоа беше барање од власта, ВМРО-ДПМНЕ само за да има фер и демократски избори и на тие преговори рече – како вие мислите, така ќе прифатиме.
Потоа, гледаме дека помалите коалициски партнери ретерираа од тој став. ВМРО-ДПМНЕ изрази разбирање за ставот на помалите политички партии, го поддржа и ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше нека се договорат во владината коалиција, сè што тие ќе се договорат ние ќе прифатиме, вели Мицкоски.
На новинарско прашање тој најави дека партијата на 16 и 17 август ќе ги открие своите кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.
Претседателот на партијата Демократски сили на Ромите, Шабан Салиу потврди дека и на локалните избори ќе коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски изјави дека се радува што партијата на Салиу ќе биде дел од коалицијата која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, дел, како што рече, од победничката коалиција.
МИА