еМагазин
Image default
Македонија

Заев со Борисов ќе разговара за Гоце Делчев

Премиерот Зоран Заев денеска најави дека првата официјална посета како премиер новата Влада очекува да биде на Бугарија, каде што со премиерот Бојко Борисов ќе разговараат за Гоце Делчев.

Заев очекува дека посетата ќе се одржи пред закажаното одржување на Берлинскиот процес на 10 ноември, со кој заеднички претседаваат Северна Македонија и Бугарија.

„Очекуваме во периодот, не подоцна, од 10 ноември да направиме една средба. Секако јас сакам да ја посетам Република Бугарија и да биде мојата прва официјална посета како претседател на Владата заради тоа што навистина имаме и прашања за разговори, а тоа е токму прашањето за ова следно историско поглавје, а тоа Гоце Делчев како историска личност и овој период од историјата.

На 10 – 11 ноември се очекува да се одржи Берлинскиот процес каде што сме домаќини ние и Бугарија заедно, што ќе се одржи во Софија. Очекуваме овие денови да добиеме и повратна информација од Бугарија за да можеме да седнеме да поразговараме на подготовката за Берлинскиот процес, секако и за ова отворено прашање“, рече Заев.

Вели дека е добро што заедничката Комисија за историски и образовни прашања работи за изнаоѓање заедничко решение, изразувајќи уверување дека ќе испорачаат опции на иницијативи на решение на проблемот.

„Генерално нашето очекување е час поскоро да седнеме да изнајдеме решенија на ова прашање, да го подготвиме и бидеме навистина одлични во организацијата на Берлинскиот процес. Кажувам одлични во констелација и на Ковид-19 кризата што опстојува, но секако и очекувајќи до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција“, вели Заев.

На новинарско прашање што лично мисли, дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин, Заев рече дека Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер.

„Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер. Факт е дека имаме наш град што се вика Делчево, во Бугарија има град Гоце Делчев, имаме споменици во Северна Македонија и во Бугарија.

Заедно со премиерот Борисов се поклонивме во Благоевград на споменикот на Гоце Делчев но и заедно се поклонивме и на гробот на Гоце Делчев овде во Скопје, и реалноста и фактите се тие“, рече Заев на заедничката прес-конференција со новиот ЕУ амбасадор, Дејвид Гир.

Го повтори ставот дека низ историските личности треба да гледаме основа за градење на уште поголемо пријателство и соработка помеѓу двете земји и двата народа и оти не е добро како за европската иднина на Балканот, така и за регионот на Југоисточна Европа, историските моменти да се избегнуваат и се ставаат „под тепих“.

„Затоа имаме и договори за доброседство и соработка, за да можеме и во иднина да ги решиме и овие прашања, прашања што треба да не обединуваат, што ќе ја споменат нашата заедничка историја како нешто што било светост за граѓаните кои живееле во тој период конкретно крајот на 19 и почетокот на 20 век, кога револуцоиниерите овде се бореле за социјални права, за слобода…и верувам можеме низ решение што ќе носи соработка и уште поголемо пријателство ќе бидат предизвиците низ кои што ќе ја димензионираме европската иднина“, оцени Заев.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гоце Делчев останува клучно спорно прашање меѓу Македонија и Бугарија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Затворена штипска конфекција откако неколку работници се заразиле со корона вирусот

Редакција

Директорката на Инфективна Стевановиќ: Непочитувањето на мерките за заштита од Ковид-19 се пресликува во бројките на заболени

Редакција

Лани 124 лица загинале во сообраќајки, 3.834 биле повредени

Редакција