еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Загадувањето не се проверува, а Топлана Север користи мазут за греење

Интегрираната еколошка дозвола што Град Скопје ја издал на Топлана Скопје Север ја обврзува оваа постројка да прави мониторинг на емисиите во воздухот доколку користи мазут како погонско гориво.

Изминатиов период токму овој енергенс бил користен комбинирано со природен гас, но мерење на воздухот не било извршувано.

Ова во изјава за телевизија „Телма“ го потврди директорот Куштрим Рамадани.

– Секако дека природниот гас е доста поприфатлив за околината, но кога гледаме секој ден со дивите депонии колку се загадува, ова загадување е минорно, истакна Рамадани и најави дека мониторингот ќе почне да се прави во следните денови.

Причината зошто се користи мазут според првиот човек на топлана Скопје Север е за да се провери дали системот ќе функционира нормално, но и како резултат на цената на природниот гас, во споредба со кој мазутот бил поисплатлив.

– Ние имаме обврска според законот за енергетика да чуваме залихи за алтернативно гориво. Така што, од тие залихи што ги имаме во Скопје Север употребуваме мазут како алтернативно гориво. Согласно дозволата што ја имаме, согласно законот, се известени истиот ден кога ја започнавме пробата на постројките, изјави директорот на Топлана Скопје Север.

Сето ова се случува без притоа да се врши мониторинг на емисиите што топланата ги испушта во воздухот. Набљудувањето на квалитетот на воздухот е една од обврските што топланата ги има според еколошката дозвола.

– Доколку Операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да го извести Надлежниот орган, да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до Надлежниот орган – стои во интегрираната еколошка дозвола (Б) со број 08-2598/5 што Град Скопје ја издал на топланата во јули годинава.

Во дозволата исто така е наведено дека во периодите кога ќе се користи мазут како погонско гориво, за тоа треба да се извести Надлежниот орган и да се доставува спецификација за квалитет и количина на горивото. Притоа, истото треба да биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива (“Службен весник на Република Македонија’’ бр.81/09).

На сите овие точки поврзани со квалитетот и со потенцијалното загадување на воздухот од топлана Скопје Север засега нема прецизен одговор. Потврдено е дека таа работи комбинирано на природен гас и на мазут, но кога вториот енергенс се користи како погонско гориво, не се прави мониторинг на емисиите на воздухот, а прашање е и колку се почитуваат другите точки од еколошката дозвола.

На граѓаните, притоа, останува да го дишат воздухот и да ги полнат амбулантите поради здравствените проблеми предизвикани од енормното загадување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕДС го доби тендерот на МЕПСО за набавка на струја вреден 425.000 евра

Редакција

Во првиот круг дури 60.773 неважечки гласачки ливчиња

Редакција

Минатата недела пораснал бројот на лица кои по вторпат се заразиле со Ковид-19

Редакција