Не е точно дека Бугарија го оспорува македонскиот идентитет. Тоа е лага, вели буагарската министерска за надворешни работи, Екатерина Захариева во интервју за zoom.mk.
– Многу пати сме го кажале и вашите политичари го знаат тоа. Но, пред македонското општество и пред европските политичари полесно е да се претставува дека ние го оспоруваме вашиот идентитет.
Прашањето дали го оспоруваме идентитетот беше решено со чинот на признавање на независноста на Република Северна Македонија од Бугарија, како прва земја, изјавува Захариева.
Таа вели дека во Бугарија нема негативен став кон граѓаните на земјава и сака така и да остане.
– Секојдневните навредливи изјави, лагите кон бугарската позиција и бугарскиот народ им штетат на билатералните односи и може да доведат до промена на ставот на Бугарите, додава Захариева.
Захариева, сепак, смета дека сега односите меѓу двете земји „не се толку лоши“, бидејќи Скопје и Софија разговараат, за разлика од периодот на поранешниот премиер Никола Груевски, кога, како што вели, „немаше состаноци“.
– Имаме проблеми, имаме премногу остра јавна реторика, непримерен говор, од кој се обидувам да не бидам дел. Премиерот (Бојко Борисов) исто така.
Мојот повик е да не разговараме преку медиумите, ние сме во постојан контакт, имаме телефони. Ние секогаш можеме да се чуеме, секогаш можеме да се видиме, вели Захариева.
Според неа, решението на проблемот меѓу двете земји е во враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство и негова имплементација.
– Забележавме постепено отстапување од обврските од Договорот веднаш штом Република Северна Македонија стана наш сојузник во НАТО. Не сакам да мислим дека договорите беа потпишаа само со цел Бугарија да каже „да“ и потоа да престанат да се спроведуваат, вели Захариева.
Таа оценува дека земјава треба да ги почитува своите обврски од Договорот за добрососедство и пријателство со Софија и да „престане потткнувањето омраза кон Бугарија и Бугарите“.
– Не е нормално ова да се случува во 21-от век и да се победува на избори со единствена програма за омраза и негирање на соседна земја. Ова не се случува во Бугарија и многу ми е драго што е така, тврди шефицата на бугарската дипломатија.
МИА/Фото: Фејсбук/Захариева