еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Започна судењето: Жан Митрев не се чувствува виновен за „измама“, Обвинителството тврди дека ќе ја докаже вината

Апсолутно не се чувствувам виновен за делото кое ми се става на товар, изјави обвинетиот Жан Митрев, кој се товари за продолжено кривично дело „измама“.

Покрај Митрев, дека не се чувствува виновно за истото кривично дело, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје се изјасни и застапничката на правното лице, која рече дека во целост го одбива обвинителниот акт.

Во воведниот говор на Обвинителството, обвинителката Искра Хаџи Василева денеска истакна дека Обвинителството ќе докаже надвор од разумното сомневање дека е сторено кривичното дело за кое постои обвинението.

– Постои обвинение за сериозно кривично дело, а со неговото дејствие има последици и правното лице. Тоа се фактите и не можете да ги извртите наспроти логиката. Обвинетиот сторил измама со умисла и ова Обвинителство ќе го докаже тоа надвор од разумното сомневање, рече обвинителката.

Воведниот говор на одбраната ќе се одржи на следното рочиште, кое е закажано на 15 јуни.

Претходно, одбраната на Жан Митрев и на денешното рочиште побара одложување на судењето поради тоа што, според нив, од листата на докази на јавниот обвинител недостасуваат 48 медицински досиеја за пациенти.

Јавната обвинителка, Искра Хаџи Василева, во врска со ова барање посочи дека е, како што рече, „сосема неоправдано“, бидејќи, според неа „одбраната не само што ги знае туку ги има тие докази, бидејќи таа ги доставила до Обвинителство“.

Судот потоа донесе решение да не се одложи главната расправа од причина што доказите се доставени до одбраната во текот на постапката, односно во текот на истрагата.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и Обвинителен предлог против неговата болница, како правно лице, за продолжено кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик.

Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

Како што информираа од ОЈО Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

По кој пат излажаа за новиот автопат Миладиновци -Штип и зошто имаат потреба од тоа

Редакција

Судење „27 април“: Чавков околу 18 часот бил во неговата канцеларија во „Технометал Вардар“, вели негов поранешен обезбедувач

Редакција

ОТА, агенцијата која го контролила прислушувањето останува без директор

Редакција