еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Затвор за газдите што зеле субвенции, а не дале плата на работниците

Ќе поминат ли неказнето газдите на македонските компании коишто зеле субвенции од државата за исплата на плати за работниците, но плата не исплатиле е прашање кое заслужува внимание откако вчера Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека вкупно 281 работодавачи кои примиле финансиска поддршка за месец април 2020 во износ од 9.995.565 денари, не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени.

Исто така за месец април 1.930 работодавачи, за 26.875 вработени за кои примиле финансиска поддршка имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 49.340.606 денари .

Во мај вкупно 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари.

34 даночни обврзници кои за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка, примиле износ на финансиска поддршка од 13.218.438 денари за 913 вработени, а не извршиле плаќање на износ од 102.593 денари од поднесените исправки.

И во месец мај 1.816 работодавачи, за 25.590 лица за кои примиле финансиска поддршка, имаат извршено задржување на средства од плата во вкупен износ од 40.069.247 денари.

„Податоците за овие компании, како и за месец април, ќе се достават до Министерството за труд и социјална политика за да може да се утврди дали задржаните средства од плата се основани или не.

Од направената анализа се утврди дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај, а 8 даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца.

На работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени им се опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата.

Исто така, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд“, соопшти УЈП.

Оттаму најавија дека податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка, од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени.

Јавноста бара строги казни за овие работодавачи, бидејќи ја злоупотребиле државната помош и не им дале плата на работниците кога им била најпотребна.

Доколку тие минат неказнето јасно е дека во иднина секој ќе може да прави што сака со државната помош и ќе се трасира пат за беззаконие.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Фирми од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга… зеле пари од државата преку мерката за плати на работниците, но не им ја исплатиле

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Полска не и дозволи на Украина да се вклучи во истрагата за падот на ракета врз селото Пржеводов

Редакција

Заев и Ахмети на „чекор до договор“ за формирање на Влада

Редакција

Нови 36 случаи на Ковид-19 од 3.569 тестирани, најмногу во Куманово 15, Скопје 7 и Тетово 6

Редакција