еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Затворските казни за осудените за убиството на Денис Тот остануваат исти, одлучи Апелација

Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски како неоснована, додека жалбите на обвинетите Андреј Костовски и Клементина Левковска делумно ги уважи и го преиначи досудениот износ на име нематеријална штета.

– Апелациониот суд Скопје, во интерес на јавноста и медиумите, информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-224/23 , а по одржана Јавна седница на 15.05.2023 година, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А.Ѓ. е одбиена како неоснована, додека жалбите на обвинетите А.К. и К.Л. се делумно уважени, на начин што пресудата на Основниот кривичен суд, се преиначува и по однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т.Т., да и исплатат 4.000.000 денари.

Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И.Т., татко на починатиот, додека на Б.Т., брат на покојниот, му е досудена исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Согласно пресудата, при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда, стои во соопштението од Апелација.

Бранителите на обвинетите во случајот со убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот своевремено од Апелација побараа повторување на постапката. Тие сметаа дека пресудата е неоснована поради суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на Кривичниот законик и одлуката за кривичната санкција.

Обвинителството, од друга страна, предложи жалбите да се одбијат како неосновани, бидејќи, според нив, фактичката состојба е правилно утврдена.

Првостепената пресуда останува иста во делот на изречената затворска казна со која Основниот кривичен суд Скопје во ноември минатата година, ги осуди Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска по 18 години казна затвор, а Андреј Костовски на 16 години за убиството на хрватскиот ракометар, кој почина на 8 април 2022 откако бил претепан од обвинетите пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје.

Според обвинителниот акт, Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај него најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.

Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: Оздравени 90 лица кои боледувале од корона вирусот

Редакција

(Фото) Иванов на прием кај Трамп

Редакција

„Лукоил“ го доби тендерот на МОН за сукцесивна набавка на гориво вреден 95.000 евра

Редакција