еМагазин
Image default
Македонија

Здруженијата на биолозите, хемичарите и физичарите во писмо до Царовска укажаа на низа проблеми во најавените реформи во образованието

Членовите на Македонското биолошко друштво (МБД), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Друштвото на физичари на Македонија (ДФРМ) испратија писмо до министерката за образование и наука, Мила Царовска во однос на најавените реформи.

Содржината Ви ја пренесувамево целост:

„Во претходното писмо упатено до Вас побаравме дополнителни информации за подготовките за целосна реформа на образованието од страна на МОН, која ќе започне со основното образование, а подоцна ќе биде реформирано и средното образование…

Дури да го добиеме одговорот, пристигна нова информација за веќе подготвена концепција за реформа на основното образование, која треба да започне да се реализира од следната учебна година во I и VI одделение, за која се предвидени сериозни промени и обединување на некои досега одделно изучувани предмети како штo се биологија, физика и хемија.

Како и во претходниот наш допис, повторуваме дека членовите на Друштвото на физичарите на Република Македонија, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија и Македонското биолошко друштво, секогаш поддржуваат реформи во насока на подобрување на образованието по природни науки, но цврсто стоиме на ставот дека во фазата на подготовка на реформи во образованието неопходно е да бидат вклучени стручни лица за образование по природни науки и истите не смее да се прават набрзина.

Имајќи ја предвид НАЦРТ КОНЦЕПЦИЈАТА ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ даваме поддршка на предложениот континуитет на изучување на природни науки согласно светските стандарди.

Меѓутоа, сметаме дека предложената интеграција на наставните содржини во еден предмет – Природни науки е корисна и соодветна за возраста на учениците до VI одделение, додека во погорните одделенија треба изучувањето на трите природни науки да се реализира во одделни научни дисциплини, запазувајќи го принципот „од општо кон конкретно“.

При тоа, неспорната интердисциплинарност и мултидисциплинарност треба да биде предвидена во програмите со точно утврден редослед, поврзаност и интегрираност на темите од трите области во поодделни кохерентни целини.

За таа цел ќе биде потребна заедничка работа и усогласување помеѓу тимовите кои ќе ги креираат наставните програми по соодветните предмети, што сметаме дека е подобро решение отколку само формалното спојување на дисциплините.

Истата забелешка се однесува и на предвидената модуларност во наставните програми по природни науки. Имено, се предвидува „во рамки на наставната програма секоја научна дисциплина претставува засебен модул со јасно утврдени резултати од учење, стандарди за оценување и временска рамка (број на часови) за реализација“.

Со ваквата поставеност ќе се појават низа проблеми од кои како најочигледни ги издвојуваме:

1.Не се наведени часовите по соодветните модули? Токму ова е еден од главните проблеми за предметните наставници;

2.Како ќе се дефинира оценувањето на секој ученик, особено во завршните години од основното образование? Не е коректно да се очекува подеднакво напредување и усвојување на знаењата кај секој ученик од трите области (на пр. физика, хемија и биологија), со кои за прв пат ќе се сретнат во форма на засебни дисциплини на самиот почеток од средното образование.

Во тој контекст, го изразуваме силното несогласување на нашите членови – директни реализатори на наставата по биологија, физика и хемија, од концептот за обединување на трите дисциплини во еден предмет, како и од низа други решенија предвидени во концептот, кои се реално неприменливи во нашите училишта:

Наставата по предметот Природни науки ќе мора да се распредели на наставниците по биологија, физика и хемија, но тоа ќе биде невозможно без јасна поделба и дефиниран број и распоред на часовите за темите од секоја одделна дисциплина.

Во Концептот, во делот за изборни предмети:

– не е наведен како опција ниту еден предмет од областа на природни науки. Наше убедување е дека во оваа група треба да влезат изборни предмети од областа на природните науки.

– Предложено е некои изборни предмети да бидат предавани од наставници кои имаат одредени афинитети или хобија во дадени области, што сметаме дека дополнително ќе го наруши кредибилитетот и позицијата на наставникот во општеството, доколку ваквите предмети ги предаваат наставници кои немаат познавања од методиката, дидактиката и педагогијата од дадената област.

Освен тоа, би сакале да укажеме дека реформи не треба да се планираат:

– без вклучување на компетентните домашни стручни лица и директните учесници во реализацијата на наставата од самиот почеток во креирање на концептот,

– без доволно време за: подготовка на предметни програми за еден предмет во рамките на целиот образовен циклус како целина, особено ако се планираат поголеми измени, подготовка/обезбедување на потребните материјали и учебни помагала, опремување на лаборатории во училиштата, соодветни обуки за наставниот кадар за изведување настава на нов начин и во нови услови.

Убедени сме дека како министер сте свесна дека воведувањето на избрзана и недоволно осмислена реформа во образованието води до повеќе проблеми отколку придобивки и покрај ентузијазмот и добрата волја со кои започнува! Историјата на промените во образованието кај нас укажува дека избрзаните реформи најчесто негативно влијаат на знаењата на учениците, особено по предметите од групата на природни науки, физика, хемија и биологија.

Бидејќи концепцијата е основа врз која ќе се градат стандардите, деталните наставни програми, изворите на информации (учебниците и дополнителни помагала), замолуваме овие укажувања да бидат внимателно разгледани.

Неопходно е стручни и компетентни луѓе од сите области да бидат вклучени во изработката на конечната форма на Концептот, за да може потребната реформа да ја постигне целта што сите ја посакуваме– осовременување и унапредување на нашиот образовен систем кој ќе продуцира образовани и успешни генерации.

Со вклучување на стручни и научни кадри од различни научни области и дисциплини, воедно ќе дадете пример, како со интеграција, мултидисциплинарност и соработка (елементи кои се во основата на реформата) се прави добра Концепција за основно образование.

И сосема за крај, предвиденото време за доставување на коментари, предлози и сугестии за унапредување на содржината на Нацрт-верзијата на концепцијата е до 10. јануари 2021 г. што е прекусо време за најавената „широка јавна дебата“ за толку важно прашање“, пишува во писмото на кое се потпишани проф. д-р Ламбе Барандовски, претседател на ДФРМ, проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на СХТМ, проф. д-р Сузана Диневска Ќовкаровска, претседател на МБД.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Синоличка Трпкова: Како да бидам пријател со некој што ми вели дека не постојам, Бугаријо и Европо низаедни

Редакција

Во Тетово од Ковид-19 не починала 19-годишна девојка, туку пациентка на возраст од 60 години

Редакција

47% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина

Редакција