еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Земјите од Г7 бараат брзо отворање на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ

Групата седум индустриски развиени земји ги пофали Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија за целосно усогласување на надворешната политика со Европската Унија, вклучително и санкциите, и ја повикаа Србија да го стори истото.

Силно го поддржаа и брзото отворање на преговорите на Северна Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Министрите за надворешни работи на Г7 го поздравија напредокот во инклузивната регионална соработка и енергетската транзиција, особено преку Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, беше објавено синоќа на веб-страницата на германското Министерство за надворешни работи по средбата во Германија.

Министрите од Г7 ја потврдија својата посветеност за европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан за кои, како што се вели, обезбедуваат безбедност, стабилност и просперитет во регионот.

Тие го поздравија фактот што Западен Балкан е обединет во осудата на руската агресија врз Украина, особено во Генералното собрание на ОН. Го поздравија усогласувањето на Босна и Херцеговина со рестриктивните мерки на ЕУ против Русија и едностраното усогласување на Косово со тие мерки.

Министрите за надворешни работи на Г7 ги повикаа Косово и Србија да се вклучат конструктивно во дијалогот со посредство на ЕУ, целосно да ги спроведат сите претходни договори без одлагање и да ги нормализираат односите преку сеопфатен и обврзувачки договор.

Во соопштението се додава дека земјите од Г7 мора да продолжат да му „помагаат на Западен Балкан да ја намали зависноста од руските енергенси и чувствителноста на економската принуда“.

Во соопштението се изразува загриженост поради продлабочувањето на политичката криза во Босна и Херцеговина и се осудува секој обид за поткопување на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Членки на Г7 се САД, Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пациент запалил цигара во болничка соба за кислородна поддршка, со навремена реакција спречена експлозија

Редакција

(Видео) Ќе му се даде ли шанса на мирот: Денеска преговори Украина-Русија

Редакција

Успешна 2023 година за НЛБ Банка: Силна финансиска поддршка за населението и стопанството, придонес во заедницата и одржливо работење

Редакција