За првпат во Македонија на 17. јуни е регистрирана Зика вирусна инфекција.
Лицето кое се заразило престојувало на Малдиви, откако бил каснат од комарец.
Имал треска, болки по телото – мускулите и зглобовите, лесно покачена температура, а по четири дена му се појавил и ситен, густ осип.
Тој не бил хоспитализиран и е пратен на домашно лекување и во моментот е во добра општа состојба.
Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ризикот за населението во Македонија во моментов е низок.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во Македонија за првпат регистриран случај на Зика вирусна инфекција
Што е Зика?
Како што објаснуваат од ИЈЗ, Зика вирусната болест е акутна вирусна инфекција предизвикана од вирусот Зика, арбовирус од родот Flavivirus и фамилијата Flaviviridae.
Болеста најчесто се пренесува преку убод од инфицирани комарци од родот Aedes, кои се активни претежно во текот на денот, најзастапени во тропските и суптропските региони, но можно е пренесување и по сексуален пат, вертикално од мајка на плодот за време на бременоста, како и преку трансфузија на крв.
Вирусот првпат беше идентификуван во Уганда во 1947 година кај мајмун од расата резус макаки, по што инфекции биле докажани и во други африкански земји во 1950-тите.
Од 1960-тите до 1980-тите, спорадични хумани инфекции биле откриени низ Африка и Азија, а од 2007 година, епидемии на болеста предизвикана од вирусот Зика се регистрирани во Африка, Америка, Азија и Пацификот.
Случаите на болеста предизвикана од вирусот Зика се намалија на глобално ниво од 2017 година, но преносот продолжува на ниски нивоа во неколку земји во Америка и во некои земји во Азија и Африка, каде што се документирани и спорадични епидемии.
Клиничка слика
Инкубацијата на болеста вообичаено трае 3-14 дена. Клиничката слика воглавно е лесна и се карактеризира со симптоми кои вообичаено траат 2-7 дена, иако најголем процент од инфицираните лица (окулу 80%) не развиваат симптоми.
Од симптоми најчесто се јавуваат осип, покачена телесна температура, конјунктивитис, главоболка, мијалгии и артралгии.
Инфекцијата со вирусот Зика за време на бременоста може да предизвика раѓање на бебиња со микроцефалија и други конгенитални малформации, како и да предизвика предвремено породување и спонтан абортус, може да биде поврзана и со синдромот Guillain-Barré, невропатија и миелитис кај возрасни и деца, од што произлегува и јавно-здравственото значење на оваа болест.
Конгенитални малформации се јавуваат и по симптоматска и по асимптоматска инфекција.
Овие симптоми се вообичаени за други арбовирусни и неарбовирусни заболувања, затоа, дијагнозата на инфекција со вирусот Зика бара лабораториска потврда.
Лекувањето на болеста е симтоматско, не постои специфичен лек ниту пак вакцина за превенција на болеста.
Фото: МЗ













