еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Зоран Верушевски доби обештетување од 1,7 милион денари од државата за притворот за „Пуч“

Државата на Зоран Верушевски треба да му ја исплати по пет илјади денари за секој од 344 дена поминати во притвор во 2015 година за предметот „Пуч“, откако Врховниот суд делумно го усвои неговото барање за ревизија на надоместокот на нематеријална штета за неоснованото лишување од слобода и нарушениот углед и чест.

–  Се задолжува тужениот Република Северна Македонија на тужителот Зоран Верушевски, на име нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, да му исплати паричен надоместок во износ од 1.720.000 денари, со законска казнена камата во висината на референтната стапка на НБ на РСМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за осум процентни поени, сметано од денот на пресудувањето – 26.05.2021 година, до конечната исплата, во рок од 15 дена по приемот на пресудата, се вели во пресудата на Врховнио суд објавена на 3 јули годинава.

Врховниот суд, исто така, го одбива како неосновано, барањето на Верушевски за надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, за разликата од досудениот износ од 1.720.000 денари, до износот од 2.580.000 денари, со законска казнена камата сметано од 26.05.2021 година, досуден со првостепената пресуда.

Државата, исто така, се задолжува на Верушевски да му ги надомести парничните трошоци во постапката во вкупен износ од 227.642 денари.

Во пресудата, Врховниот суд го одвива ако неосновано, поголемото тужбено барање на Верушевски за надомест на разликата од досудениот износ до побараниот износ од 4.104.000 денари.

Во образложението на пресудата, Врховниот суд појаснува дека по проучување на списите по предметот, наводите во ревизијата и одговорот на ревизија, испитувајќи ја побиваната пресуда во смисла на член 377 став 3 од Законот за парнична постапка, утврдил дека е основан ревизискиот навод за погрешна примена на материјалното право од страна на пониските судови, а со оглед на утврдената фактичка состојба од првостепениот суд, прифатена во целост и од второстепениот суд.

–   Имајќи ги предвид сите околности на конкретниот случај, особено интензитетот и времетрањето на душевниот бол кој го трпел тужителот поради неоснованото лишување од слобода во поглед на нарушениот углед и чест, утврдени врз основа на лекарскиот наод и мислење на проф. д-р А.Н., и периодот на изречената мерка притвор во траење од 344 дена сметано од 23.01.2015 година до 31.12.2015 година, Врховниот суд на Република Северна Македонија утврди дека на тужителот му следува справедлив надомест за претрпен душевен бол поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор во вкупен износ од 1.720.000 денари или по 5.000 денари од ден за секој ден притвор.

Овој суд смета дека вака досудениот износ на име надомест на нематеријална штета претставува сатисфакција за ублажување на душевните болки на тужителот поради повреда на личните права – чест, углед и слобода поради неоправдано лишување од слобода – притвор, истиот е справедлив и не е во спротивност на природата на правото на надоместокот, ако се има во предвид значењето на повреденото добро и целта за која служи овој надоместок, се вели во образложението на пресудата на Врховен.

При одлучувањето, Врховниот суд посочува дека при состојба кога со правосилно решение на Основниот суд Скопје 1 од 20.01.2017 година, била запрена кривичната постапка поведена против обвинетиот – сега тужител, а со пресуда на Основниот суд Скопје 1 од 30.01.2018 година, било одбиено обвинението спрема обвинетиот – сега тужител, според наоѓањето на овој суд, во конкретниот случај не е спорна пасивната легитимација на тужениот.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Георгиевски до Груевски: Се што ми направи мене сега ти го прават тебе

Редакција

Детален преглед на активни случаи со Ковид-19 по скопските општини

Редакција

Утре слаб снег на планините, од задутре стабилно со повисоки температури

Редакција