За првпат од почетокот на војната во Иран, САД го нападна островот Харг, економски најклучната област во земјата.
САД соопшти дека нивните воени сили погодиле над 90 воени цели на островот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) САД го нападна иранскиот остров Харг, нова причина за раст на цената на нафтата
Зошто е важен за Иран?
Станува збор за корален остров кој е долг осум километри и се наоѓа во северниот дел на Персискиот Залив.
Од копно е оддалечен околу 43 километри, а тоа што го прави економски и стратешки многу важно место за Иран е дека овде завршуваат цевководите од иранските нафтени полиња во центарот и западот на земјата.
Островот е и местото од каде Иран извезува дури 90% од нафтата која ја произведува.
Тоа е така бидејќи се наоѓа во длабоки води, па големите танкери можат да товарат нафта, за разлика од крајбрежјето на Иран, каде тоа е невозможно, бидејќи е каливо и премногу плитко.
На островот има огромни товарни пристаништа на неговиот источен брег.
Просечно, помеѓу 1,3 милион и 1,6 милион барели нафта дневно минуваат токму низ Харг, а Иран минатиот месец ги зголеми овие количини.
Дополнителни 18 милиони барели нафта се складирани на Харг како резервни.
Иран обезбедува околу 4,5 проценти од светското производство на нафта, со дневно производство од околу 3,3 милиони барели сурова нафта и дополнителни 1,3 милиони барели кондензат и други течности.
Нападот на нафтоводите ќе ја зголеми цената на нафтата
Доколку САД и Израел решат да ги нападнат и нафтоводите на островот, тоа ќе биде нова причина за зголемување на цената на нафтата, која деновиве стигна и до 120 долари за барел.
И не само тоа. Уништувањето на нафтената инфраструктура ќе значи уништување на иранската економија, па земјата ќе нема “посветла иднина“, која беше и една од целите на САД кога заедно со Израел го нападнаа Иран.
Обновата на инфраструктурата би траела со децении.
Од друга страна, според експертите, заземањето на островот е исто така опција. Тоа би значело сложена и ризична операција.
Во тој случај Иран ќе може да произведува нафта, но не би можел да извезува, а САД не би можел да произведува, што исто така би довело до раст на цената на нафтата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД за само шест дена потрошил 11,3 милијарди долари во војната со Иран
Трамп се пофали дека САД заработувале многу пари од растот на цената на нафтата
Трамп вели војната завршувала, а таа се разгорува, новиот верски лидер на Иран најавува одмазда
Фото: Унсплеш














