еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

(Галерија) Поради високите цени, млади „окупираа“ супермаркет во Солун

Од Солун за еМагазин, Петре Димитров

Периодов соседна Грција е соочена со најразлични протести, што и не е нешто невообичаено за земјата, во која постојано се протестираа за нешто.

Земјоделците поради високите трошоци за производство, високата цена на струјата и нафтата и бројни други причини, блокираат патишта, но и граници, а се очекува дека овие протести допрва ќе ескалираат, бидејќи Владата не им излегува во пресрет на барањата.

Најавуваат дека поради овие причини, можно е цената на земјоделските производи летово да порасне и за 60%.

Македонските земјоделци речиси никогаш не организирале вакви протести. За разлика од грчките тие си земаат субвенции, односно пари на граѓаните, и се привелигирани за разлика од другите, но и покрај тоа нема да биде изненадување, ако и покрај тоа, кога ќе се “одмрзант“ цените, не ни кажат дека и тие поради истите причини ќе морат да ги покачат цените.

Протестираат и студентите, поради најавата на грчката Влада за отварање на грчки филијали на странски приватни универзитети. Тие сметаат дека тоа ќе ги поткопа државните универзитети кои веќе се соочуваат со тешкотии во финансирањето и дека ќе предизвика и државните факултети да почнат да наплаќаат партиципација.

Грција е една од ретките земји во Европската Унија која нуди бесплатно високо образование и има 24 јавни универзитети кои ги финансира државата.

Нашиве студенти, кога веќе правиме конпарација, ретко ги гледаме по улиците и покрај тоа што имаат бројни проблеми, а најчесто протестираат, за жал, кога ќе ги „организира“ некоја политичка партија.

Деновиве еМагазин во Солун посведочи и на друг начин на протест, вообичаен за овде, но не и за кај нас.

Млади луѓе поради високите цени, кои се најголем проблем на Грците, буквално окупираа супермаркет. Само на три каси дозволија наплата, а на другите само ако супермаркетот на купувачите им даде попуст од 30%.

Секако супермаркетот не даде попуст, но редиците пред „окупираните“ каси беа поголеми. И не само тоа. Купувачите трпеливо чекаа да заврши протестот и им ракоплескаа. Да не објаснувам што би се случило кога во некој македонски супермаркет би се случило вакво нешто. Нема да мора да доаѓа полиција, купувачите ќе го растурат протестот.

Ладнокрвни беа и вработените во супермаркетот. Како ништо да не случува.

На крај дојде полиција, но и специјалци, но за среќа немаше никаква интервенција, а младите лица си заминаа мирно и добија аплаузи и на улица, каде си го продолжија протестот.

Кога сме веќе кај цените, тие во Македонија и не се толку пониски отколку цените во Грција. И „замрзнати“, имајќи во предвид колку се пониски македонските плати, во споредба со грчките.

Да спомнам дека освен Лидл, каде имате навистина евтини цени и за наши улови, и другите супермаркети имаат евтини понуди, а последниве години низ Грција се отвараат дисконт маркети, кои се сериозна конкуренција дури и на Лидл.

Фото: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Кај инфективната клиника во Скопје „никна“ монтажната болница

Редакција

Брисел ја поздрави одлуката на Собранието за заклучоците за францускиот предлог

Редакција

Светското население ја достигна бројката од осум милијарди, во Централна и Источна Европа населението се намалува

Редакција