Европската перспектива на Македонија ќе биде затворена се додека земјата не ги почитува преземените обврски за Договорот од Преспа, изјави денеска портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис.
– Владата и премиерот Кирјакос Мицотакис следат одговорна надворешна политика и без заобиколувања велиме дека европскиот пат на Северна Македонија поминува низ Грција и очигледно, ако не го сменат начинот на кој ги третираат меѓународните договори нема да одат напред, рече тој, посочувајќи дека непочитувањето или селективното почитување на Договорот ја загрозува безбедноста и на регионот на што предупреди и Мицотакис од Вашингтон, во рамки на Самитот на НАТО.
Повтори и дека Грција нема да ги ратификува трите протоколи од Договорот доколку “соседната земја не се усогласи со обврските што ги презеде“.
-Очигледно е дека напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори. И сè додека нашите соседи не го сфатат тоа, нивната европска перспектива ќе остане затворена, рече Маринакис.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Грција го отвори прашањето за неупотребата на уставното име на Самитот на НАТО
Фото: Влада