Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски во интервју за државната агенција МИА вели дека двојните избори годинава – парламентарните и претседателските, ќе чинат околу 12 милиони евра.
Тој посочува дека оваа сума е со тенденција да се зголеми најмалку до 15 милиони евра.
„Ние кога се договаравме со министерот определивме една сума, меѓутоа после кога отиде буџетот во Собрание, многу се скрати. Не можам прецизно да ви кажам. Се надевам дека за некои дејствија ако биде потребно ќе се надополни Буџетот. Јас реков околу милијарда денари, сега е 600 и нешто милиони, меѓутоа најверојатно таа бројка ќе се зголеми.
Сега тука многу е битно дали е сметана платената политичка кампања. Ако ја сметаме тогаш тоа ја зголемува, бидејќи се работи за поголема сума, меѓутоа ние никогаш не ги земаме предвид тие, бидејќи ние сме како сервис, како дистрибутери на таа операција“, вели Даштевски, додавајќи дека дополнителни пари „влече“ и гласањето на дијаспората.