Во декември лани Македонија склучила шест договори со САД, вредни над 20 милиони евра, а парите се обезбедени од американски фондови, откри во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, македонскиот министер за одбрана, Владо Мисајловски.
Дел од нив се за набавка на софистицирани дронови.
-Зборуваме за високо квалитетни софистицирани дронови кои што се од најдобро производство. Исто така делови и проекти во сајбер-безбедноста, вели тој.
До крајот на годината од САД треба да стигнат и 96 возила JLTV.
-Исто така и возилата „страјкер“ за кои имаме најава дека ќе стигнат и побрзо од договореното, вели тој.
Мисајловски меѓудругото во интервјуто посочува дека „ако некоја земја навистина максимално и целосно нè поддржува, тоа е САД„.
Во врска со Украина, открива дека поради стар долг државата лани извлекла околу 2 милиона евра од македонското Министерство за одбрана.
-Со извршно решение, по кое ако не се постапеше требаше да бидат и три милиони, па со преговарање стигнавме да се пробиеме.
Но, ете, и два милиона евра директно отидоа во компанија што била одговорна за еден друг процес што го има тука во министерството. Бевме тужени и тие средства се извршени и легнати на украинската страна.
Интересно е што таа компанија, пак, е во состав на министерството за одбрана и на владата (на Украина н.з.), вели тој и посочува дека сега е најдобро да се разговара за мир, а не за нови пакети со коишто би ѝ се помагало на Украина.
Фото: Мисајловски/Фејсбук