Tрадиционалниот концерт на Филхармонијата во Градски парк во Скопје, ќе се одржи на 19. јуни во 21 часот.
Годинава темата е музиката од филмовите на легендарниот режисер Стенли Кјубрик, кој важи за визионер со огромно влијание врз светската филмска уметност.
Концертот е насловен „Одисеја 2024“, инспирирано од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“.
Ќе диригира Дијана Имери-Илкоска, а ќе бидат изведени музички теми од Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа филмовите „2001: Вселенска одисеја“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.
„Кјубрик ја гледал музиката како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебни драматургија и естетика“, велат од Филхармонија.
Фото: М. Аргакијева