Според министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи не е точна констатацијата дека Грција не исполнила ништо од Договорот од Преспа.
Според него и Македонија и Грција ја имаат исполнето суштината на Договорот – Грција за поддршка на евроатлантската интеграција на земјава, а државава за прашањето за уставните измени и имплементација на името.
„Не е коректна констатацијата дека Грција нема исполнето ништо. Столбот на грчките обврските од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО и европската интеграција. Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска.
Денеска Грција е еден од најголемите лобисти во Брисел за членство на Република Северна Македонија во ЕУ“, изјави денеска Османи.
За него трите меморандуми кои Грција и по шест години ги нема изгласано во Парламентот и тоа што јужниот сосед се уште не ги има сменето таблите на патишта е „некаде на периферијата“ од обврските.
Тој вели дека такви обврски има и Македонија, како што се законските измени за имињата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Македонската радио-телевизија (МРТ).
„Истите аргументи што ние ги даваме дека не можеме да постигнеме консензус во Парламентот, ги даваат и тие“, рече Османи, кој изрази надеж дека идната влада што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува договорот.
„Не е веќе прашање на Преспанските обврски, туку на Уставот. Се дава само некакво очекување дека ако ’почнеме усно да го кажуваме (старото име) полека ќе се смени и писмено‘. Тоа нема да се случи.
Зошто им давате такви очекувања на граѓаните? Кажете: ’Ние не сме го изгласале, ние бевме против. Овие предавниците го направија тоа и ние мора да го почитуваме‘. Тоа е фер однос кон државата“, рече Османи, кој денеска имаше средба со грчката заменик-министерката за надворешни работи, Александра Пападопуло, која со грчкиот министер за надворешни колеги, Јоргос Герапетритис е во Скопје за министерскиот состанок во рамки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД и Франција ја повикуваат новата влада во Македонија да ги почитува меѓународните обврски
Фото: МНР