Економскиот раст во првиот квартал на 2024 година малку забрза, во согласност со проекциите на Народната банка, но поумерено од очекуваното, беше оценето на редовната седница на Народна банка, информираат од таму.
„Реалниот раст на домашната економија изнесува 1,2% на годишна основа, при натамошен раст и на квартална основа. Високофреквентните податоци за вториот квартал од 2024 година со кои се располага засега упатуваат на натамошно забрзување на растот под влијание на остварувањата во услужниот сектор, што е во согласност и со проекциите за вториот квартал.
Така, градежништвото оствари значително повисок реален годишен раст, а мало засилување на реалната стапка на раст е забележана и кај угостителството и туризмот. Покрај тоа, и прометот во трговијата бележи значително послаб реален пад на годишна основа, меѓутоа падот кај индустриското производство се продлабочува.
Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти,“ се додава во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Годишната стапка на инфлација во јуни забави и изнесува 3,2%, оценува Народна банка
Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30%
Фото: Унсплеш