Министерот за здравство, Арбен Таравари, денеска информираше дека успешно е извршена трансплантација на црн дроб и бубрези, а земени се и материјали за коскени ткива од донор.
-Благодарност на семејствата, кои во најтешките моменти на загуба, покажуваат големина и хуманизам, благодарение на што се спасуваат човечки животи, а се подобрува и квалитетот на живот на пациентите.
Огромна благодарност и за сите здравствени работници, вклучени во овој процес кој траеше речиси 48 часа,” посочи Таравари на денешната прес-конференција, заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, директорот на Дигестивна клиника, проф. д-р Огнен Костовски, проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација, деканот на Медицински факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, како и доктори од тимовите за трансплантација.
Костовски, информираше дека на Клиниката за дигестивна хирургија на 12 и 13. март се извршени две сложени интервенции: успешно е трансплантиран црн дроб и два бубрега од кадаверичен дарител, а дополнително се експлантирани коскени ткива и лигаменти.
Станува збор за петта трансплантација на црн дроб во Македонија.
Исто така, на Клиниката за дигестивна хирургија е направена првата баријатриска интервенција кај пациент со зголемена телесна тежина која е целосно покриена од буџетот на ФЗО
Станува збор за пациент кој тежел 130 килограми, а кому индексот на телесна маса изнесувал 40.
Кузмановска, потсети дека зад секоја статистика стојат човечки приказни.
-Тие што донираат се тивки херои. Ние сме тука да им дадеме признание, бидејќи тие го продолжуваат животот на другите, рече таа, посочувајчи дека нституциите соработуваат со странски здравствени системи за едукација на кадарот, со цел зголемување на капацитетот на домашните тимови.
Клековски посочи дека Фондот од јули досега има испратенио пет пациенти во странство за трансплантација од жив донор. Целта, е во Македонија да се достигне просек од 10 трансплантации, годишно, со живи дарители.
Антовиќ посочи дека кога станува збор за трансплантација од жив донор, се зема половина црн дроб од здрав човек, најчесто некој од семејството на пациентот, додавајќи дека тоа е сложена процедура.
За таа цел, во завршна фаза е набавката на нов микроскоп, кој е клучен за сложени интервенции кај жив дарител.
Фото: МЗ