Васил Јованов, обвинетиот за усмртувањето на 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино, денеска на стартот на судењето призна вина и изрази сочувство до нејзиното семејство.
„Не поминува ден, а да не се молам за душата на Фросина и за здравјето на нејзиното семејство. Ова е нешто што ќе ме прогонува до крајот на мојот живот.
Сакам да изразам најдлабоко сочувство до фамилијата и најдлабоко извинување за оние што ја познаваат. Не знам како ќе продолжам со остатокот од мојот живот“, рече тој во завршните зборови на денешното рочиште.
Во текот на рочиштето меѓудругото кажа и дека здравствено се чувствува добро и дека не е зависник од алкохол и дрога.
Неговиот адвокат Сашко Дуковски пак рече дека тој бил спортист и дека имал добиено награди за боксување и дека Судот треба да го земе во предвид неговото признавање на вина при утврдувањето на казната.
Одбрана на Јованов презентираше и снимка од триесетина секунди направена по несреќата, која, според одбраната покажувала дека Јованов веднаш покажал огромно каење.
На снимката освен Јованов се гледа и уште едно лице, а од одбраната тврдат дека Јованов кажал: ‘Леле што направив’ и ‘Гревота за девојчето’ и пробал да ја реанимира.
Од Основното јавно обвинителство посочија дека не се сомневаат во вердостојноста на снимката, но, посочија дека Судот треба да биде внимателен за нејзината содржина, особено за аудио делот бидејќи, како што кажа обвинителот Александар Марковски, поради техничката несовршеност, не може да се утврди она што го кажал бранителот на Јованов.
Посочи и дека на видеото не е евидентирано дали тоа било направено една минута по настанот. На снимката, како што рече, не може да се види дека Јованов се обидува да ја реанимира, како што тврди неговата одбрана, туку се гледа друго лице како пристапува до телото.
Мајката на Фросина, Камелија Кулакова, пак побара максимална казна за Јованов и посочи дека таа не е само мајка која го изгубила своето чедо, туку и човек со откорната душа.
„Јас сум гласот на Фросина оти таа не може да зборува. Таа не беше прегазена, туку убиена на начин кој не може да се замисли„, рече Кулакова.
Таа се изјасни и дека како законски застапник на нејзината ќерка се придружува на кривичниот прогон и ќе бара отштетно побарување, во граѓанска постапка.
„Возејќи пијан, без возачка дозвола, одминувајќи возила, ја удрил мојата Фросина со толкава брзина со што таа со главата ја скршила шофершајбната, се качила на покривот на возилото, а од силината била отфрлена и од ударот го скршила столбот од семафорот“, рече таа, а зборуваше и за повредите од ударот која ги добила Фросина Кулакова, од кои почина на лице место.
Пресудата треба да биде соопштена на 13. мај.