Кочани е најтажниот град на светот, велат кочанчани кои секојдневно ја живеат траумата од незапеметената трагедија, во која 59 лица загинаа во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“, а 203 беа повредени.
Раните, болките и тагата уште долго време ќе надвиснуваат над овој град.
Не постои човечки збор за утеха за семејствата и блиските кои ги изгубија нивните најмили, вели меѓудругото во неговата беседа викарниот Епископ Стобиски г. Јаков на Светата Литургија во Кочани, која ја одржа во неделата на 30. март.
Неговото обраќање до народот во црквата „Св. Георгиј Победоносец“, Ви го пренесуваме во целост:
„Во Црквата го имаме тој дар не само да се нарекуваме браќа и сестри, туку вистински да се доживуваме, другиот да го чувствуваме и да го доживуваме како органски дел од себе си, затоа што во Црквата не заедничариме само со Него во светите тајни, туку се причестуваме и еден со друг.
Имаме неповторлива можност во Црквата, а тоа не е малку и не е мала работа, мојата болка да биде твоја болка, мојата тага да биде твоја тага, мојата радост да биде твоја радост и обратно.
Затоа што на таинствен начин станавме учесници на крстот Христов, во гробот и погребението Христово, а и воскресението за нас е веќе завршена работа. Нашиот живот поминува во исчекување на тој свештен миг.
Ако може да видиме зрак на светло во оваа сеопшта трагедија, чиј што епциентар беше тука во Кочани, но верувајте ми јас тоа го почувствував во секој еден дел од нашата земја. Немојте да мислите дека болката и тагата тука беа најголеми, цела Македонија ги живее во изминатите денови. Се пројави човечноста во нас, се пројави единството наспроти децениите разединетост по различни основи.
Нема човечко слово и човечки зборови на утеха кога се уште ги трпиме последиците на падот и се уште смртта останува непремостлива трагедија на сето човештво. Не, нема човечки зборови и човечко слово на утеха. Не може човек да изговори и да испрати утеха на друг човек, гледајќи во очи на смртта, но може Отецот Небесен, кој веќе го направи тоа.
Реков дека ќе ви говорам за таа љубов пројавена од него, кој што го возљуби човекот паднат и доброволно предаден на смртта, го возљуби до таа мера што го испрати синот свој, словото свое, словото на секоја утеха, да дојде во овој свет воплотувајќи се и станувајќи еден од нас.
Но го испрати во овој свет не да владее и да пирува и да се пројави како еден од моќниците на овој свет, туку стана последен. Дојде како слуга на сите од самото негово раѓање, беше отфрлен од сите. Не се најде за него место во гостилниците и домовите витлеемски, благоволи да се роди во темна пештера меѓу животни. И уште незаплакан како младенец човечки, беше прогонуван од моќниците на овој свет, оние кои што сакаат да владеат.
Дојде да ни покаже дека ниту ние се стремиме, ниту нас не возљуби некој мрзоволен Бог, кој што ја измислил смртта. Бог не ја измисли смртта, и страдањето и болките, Бог нè создаде за живот вечен во заедница со него. Сами се предадовме на смртта, сакајќи да бидеме Богови без Бог. Сакајќи на насилен, перфиден и на лукав начин да живееме вечно, мислејќи дека животот и бесмртноста произлегуваат од некакво си дрво и некаков си плод, а не од послушание и љубовна заедница со Него.
И во оној миг кога каснавме, умревме. Ние ја измисливме смртта, трагедијата, болките и страдањата и не престануваме да ги измислуваме и смислуваме и да стануваме извор на болка и извор на страдања еден на друг. Ама Он го испрати својот единороден син, та секој што верува во него да не загине туку да има живот вечен.
Каде е личната вина и личната одговорност на секој еден од нас? Го оставивме патот на отците, го оставивме единствениот тесен пат кој што води кон живот вечен, и како живееме? И старите и младите. Нема да зборувам млади луѓе, против забавата. Забавувајте се. Животот е дар, и треба да биде радост. Ама не може да биде радост во свет кој што го отфрла Христос и свет кој што го уби Бог, и свет во кој што нема место за христијанските вредности. Забавувајте се, но пазете како се забавувате, оти радоста не е исто што и еуфоријата.
Љубовта, млади луѓе, не е исто што и блудот. Деца, играјте се заради тоа што, вели светиот старец Емилијан дека од мигот на создавањето Бог почна да си игра со човекот, но во оваа игра ние сме на потег. Топката е кај нас кога станува збор за нашиот живот. Во таа игра не смееме да се повредиме ниту себе си, ниту другиот. И во таа игра, он нашата утеха нашиот лекар не дозволи никој да биде повреден и убиен. Самиот стана жртва, самиот се предаде на болки и на страдања, за ние да бидеме исцелени. Самиот се предаде на смрт и на гроб за нас гробот да не биде крај и последна дестинација.
Јас не знаев што да кажам, што да беседам, но таткото на Ѓорги, Драги ми даде инспирација. Го прегрна ковчегот и рече, синко јас не те испраќам во гроб,( колку што можеше силно, тоа беше како гром што ја разоруваше тишината меѓу тоа мноштво народ, тоа го знаат сите струмичани, можете да се уверите) те праќам во прегратките Божји. Јас бев на неговиот гроб неговиот гроб е празен, те праќам кај воскреснатиот Христос.
Не се роди верата кај тој родител во тој миг. Не браќа и сестри, во тие мигови не се раѓа верата, невозможно е. Во тие мигови, верата се проверува, ја има или ја нема.
Затоа не можам да ви кажам и да ви зборувам за ништо друго и за никој друг освен за Христос, кој што е мој живот, мој избор, моја утеха, мое воскресение, а дали ќе биде ваше, изборот е ваш. Овој живот ќе помине, секој еден од нас побрзо или подоцна. Направете место за Христос, во вашите животи, во вашите срца во вашиот град, а место не му оставаме, не му правиме.
Нашата болка, нашите рани не може да ги исцели човечка правда, човечки гнев и човечки организации, а особено не овие што се антихристијански, антицрковни и конектирани со подземјето и со пеколот. Може да ги исцели оваа организација, ова тело, Црквата. Организација која не ја организираа ниту апостолите, ниту светителите ниту светите оци, туку самиот Христос.
И која што е организирана со една единствена цел, да ја надминеме смртта и трулежот и да можеме да живееме вечно во заедница со него, со триипостасниот Бог наш, Отецот, Синот и Светиот Дух, кого го молиме да им даде покој на душите на несреќно загинатите наши браќа и сестри, и да ги утеши срцата на сите оние семејства, на родителите, на браќата на сестрите во чиишто домови тие недостасуваат физички, а сите нас да не помилува и да не прекрие со својата огромна милост.“
View this post on Instagram
Фото/видео: Тивериопол.мк