еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Ако продолжи морталитет од 1 починат на милион жители дневно, ковидот годинава би бил околу деветтото место како причинител за смрт

Ви ја пренесуваме најновата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој редовно ја следи ковид-состојбата во Македонија.

„06.08.2022. Нивото од 870 нови случаи дневно, што беше поставено како праг за одржување на надолниот тренд пред 3 дена, не беше пробиено во четвртокот и петокот.

Врвот е дефинитивно зад нас, па веќе и задоцнетите индикатори го потврдуваат истото.

На дијаграмот на првата слика гледаме дека 7-дневната (брзата) подвижна средина ја пресече одгоре надолу 14-дневната (бавната) подвижна средина, што е задоцнета но дефинитивна потврда на промената на трендот.

Ова ќе биде потврдено во вторник и во неделниот извештај на ИЈЗ Скопје, кога се очекува помал број на случаи изминатата недела, во однос на предминатата недела.

Дневниот број на оздравени го надмина бројот на новодијагностицирани, така што се намалува и бројот на активните случаи (на фазниот портрет I-T на втората слика).

Малиот број на тестирања за Илинден даде дури и претерано намалување, но се гледа дека врвот од минатиот викенд не може да биде надминат.

Како што гледаме од третиот дијаграм (фазниот портрет I-T, активни наспроти вкупни случаи од почетокот на епидемијата), после врвот на алфа сојот (британскиот сој) при околу 100.000 дотогаш дијагностицирани и околу 22.000 активни случаи, секој нареден врв е сé понизок и понизок, односно останува под црвената линија – анвелопата на сината крива.

Во сите наредни бранови се очекува врвовите да бидат при сé помали броеви на активни случаи, а заедно со нив и на хоспитализирани.

Да се задржиме малку на бројот на починатите.

Моментално преминуваме преку врвот на дневниот број на починати, којшто во споредба со поранешните врвови е многу поблаг.

Тоа се должи на сé помалата стапка на леталитет (процентот на починати од сите дијагностицирани), односно како што некои го викаат морбидитет, но не треба да се меша со морталитет (бројот на починати на милион жители дневно).

На дијаграмот на четвртата слика забележуваме дека полека, но сигурно се намалува стапката на леталитет.

На дијаграмот не ги гледаме стапките од 2020 година, коишто изнесуваа и преку 10%, но започнувајќи од алфа сојот ланската пролет, преку делта сојот ланската есен, па до брановите на омикрон сојот годинава, забележуваме постојано намалување на стапката на леталитет.

Во последниот бран, бранот на потсојот БА5 на омикрон сојот, од 10.06.2022 до пред 10 дена (25.07.2022) имало 18.194 нови случаи, од кои 2.539 реинфекции.

Со доцнење од 10 дена, колку што просечно трае временскиот интервал од дијагностицирањето до смртниот исход, односно од 20.06.2022 до 05.08.2022 починале 66 лица, од кои само едно (1) лице со реинфекција.

Оттука ги пресметуваме средните стапки на леталитет. Кај сите случаи леталитетот изнесувал 66/18.194 = 0,36%, додека кај реифекциите само 1/2.539 = 0,04%. Последниот податок има прилично широк интервал на доверба, но сепак ни дава извесна претстава за леталитетот кај реинфицираните.

Оттука следат два важни заклучоци.

Прво, леталитетот од Ковид-19 (0,36%), при досегашната прележаност и опфат со вакцинација е само маргинално повисок од леталитетот на денешните видови грип (околу 0,30%), односно разликата е во рамките на нормалното статистичко расејување на податоците.

Затоа некои доктори сметаат дека Ковид-19 повеќе не треба да се смета за опасна болест и дека нема потреба од тестирања. Леталитетот е низок, но високата преносливост и големиот број на случаи сепак носат 2-3 смртни случаи дневно. Можеби ова и не е многу, споредено со просечно 54 починати дневно во цела Македонија од најразлични причини.

Доколку продолжи овој морталитет од околу 1 починат на милион жители дневно, ковидот би се наоѓал годинава некаде околу деветтото место како причинител на смртта, малку заедно со грипот во некои други времиња.

Второ, тие коишто еднаш прележале (реинфицираните) имале 10 пати помала стапка на леталитет од непрележаните. Тука треба да се биде внимателен со заклучоците, бидејќи од сите коишто првиот пат се разболеле околу 3,5% умреле, па немале среќа да ги искористат придобивките од прележувањето.

Со други зборови, намерното разболување никако не треба да се смета како метода за заштита од болеста.

Постарите, коишто досега ниту се вакцинирале, ниту заразиле, би било најдобро да се вакцинираат и така да го намалат ризикот од смртен исход при евентуално идно прво заразување (првиот контакт да не биде со вистински вирус, што е идејата на вакцинирањето).

Не останаа многу такви случаи, бидејќи опфатот со вакцинација кај постарите од 65 години, според последните расположливи податоци се движи помеѓу 76% и 80% (сметано со податоците за вкупното население од последниот попис, но со демографска демографска пирамида на населението од претходниот попис).

Ова не е толку лошо, но во споредба со повеќето развиени земји сé уште има простор за подобрување“, пишува тој на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф.Трајковски: Имунитет скапо го плативме со околу 16.000 починати, но барем отсега понатаму влегуваме во помирни епидемиски води

Проф. Трајковски: Независно од ниската смртност, постои неизвесност од последиците и кумулативните оштетувања од реинфекции со Ковид-19

Фото: Трајковски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет највисоки нето плати во јуни

Редакција

Македонско статус кво: Загадување, ЕУ интеграции, попис…

Редакција

(Вознемирувачко видео) Објавена снимка од убиството на хрватскиот ракометар, само едно лице се обидува да му помогне

Редакција