еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Гласовите на Ромките ја инспирираат младата генерација за поголема инклузија

Како дел од заложбите на Министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030,  Шабан Салиу, во соработка со UN Women Северна Македонија, организираше панел-дискусија насловена „Гласовите на жените Ромки: Од предизвици до успеси“.

Настанот, кој се одржа во Клубот на пратеници, собра истакнати ромски лидерки, активистки и професионалки со цел да ги споделат нивните искуства и придонесот во постигнувањето родова еднаквост и поголема инклузија во општеството.

„Овој месец го одбележуваме 8 Март – Меѓународниот ден на жената, кој не е само ден за честитки и подароци, туку и потсетник на долгата историја на борбата за еднаквост, правда и достоинство.

Неговите корени се во почетокот на 20-тиот век, кога жените ширум светот се бореа за подобри работни услови, право на глас и економска независност.

На овој настан нема да зборуваме за предизвиците – туку и за успесите. Жените Ромки се активни во сите сфери на општеството – во културата, бизнисот, политиката, граѓанскиот сектор.

Нивната истрајност и придонес се непроценливи.

Денес можеме со гордост да кажеме дека жените Ромки се докторки, инженерки, претприемачки, активистки. Нивните успеси се резултат на голем труд, посветеност и жртва, бидејќи тие не само што се бореле со предизвиците во поширокото општество, туку често и во рамките на сопствената заедница.

Затоа сме овде – да ги поддржиме, но и да ги инспирираме младите девојки Ромки да сонуваат големи соништа и да ги остварат своите цели“, изјави д-р Шабан Салиу, министер задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030.

„Жените имаат клучна улога во градењето на отпорни општества каде за сите има ист и фер пристап. Со оваа панел-дискусија сакаме да ставиме акцент на значајната улога на жената од ромската заедница, и препознавање на нејзиниот непроценлив придонес.

Ние продолжуваме да работиме партнерски за уривање на бариерите и стереотипите кои стојат на патот кон целосно учество на жените Ромки во сите процеси,“ истакна Весна ИвановиќКастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.

Панелот фрли светло врз постојаните предизвици со кои се соочуваат жените Ромки, вклучително и предизвиците во образованието, вработувањето и политичкото учество, но воедно ги истакна и нивните успеси во надминување на системските нееднаквости.

Дискусијата имаше за цел да обезбеди платформа за засилување на гласовите на жените Ромки, поттикнување дијалог и идентификување начини за унапредување на нивното социјално, економско и политичко учество.

Настанот е во согласност со националните заложби за спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 и глобалниот мандат на UN Women за унапредување на родовата еднаквост. Преку истакнување на успесите и лидерството на жените Ромки, панел-дискусијата послужи како инспирација за помладите генерации, охрабрувајќи ги активно да учествуваат во создавањето на поинклузивна иднина.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вработен на Инфективна позитивен на конго-кримска хеморагична треска и е хоспитализиран

Редакција

Најмногу дожд во Маврови Анови и Дебар, и денеска врнежи, наместа поројни

Редакција

Пет причини зошто не треба намерно да се заразите со омикрон: Не е настинка, сепак е животозагрозувачка состојба

Редакција