еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

„Живееме за да одиме на гробишта, правда мора да има“, вели мајка на загинат во пожарот во Кочани

Потресен статус на Фејсбук сподели вчера Јулија Златкова, мајка на момче кое загина во пожарот во т.н. дискотека во Кочани, кој Ви го пренесуваме во целост.

„На Велигден сум се заљубил! Има една таква песна…Велигден е тука, но нашите деца ги нема… Престанаа да им чукаат срцата, ги закопавме во црната земја…

Некои биле заљубени, некои требаше да се заљубат, некои од нив имаа и сопруги и сопрузи и мали дечиња и штотику родени дечиња… Кој сега ќе се радува на нив? Некои од децата не дочекаа полнолетство, некои не дочекаа матура, некои требаше да дипломираат и да станат академски граѓани кои ќе работат чесно како што ги учеле нивните семејства…

Не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее, да дочекаш уште еден Велигден со него…

Еве ќе ви кажеме, живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие фалат дома …

Ќе се навршат уште малку 40 дена, 40 црни денови без нашите сонца, без нашите анѓели чии кревети од тој ден останаа празни, а нашите срца и души засекогаш завиени во црнило…

Времето поминува, но правдата како што се чини нема изгледи дека ќе излезе на виделина…

Зарем немате ни малку човечност во вашите души?

Зарем толку сте евтини што со пари се купувате? Ееееј вие убијци на нашите деца!

Зарем нашите невини деца требаше да ја платат цената на вашата алчност и корумпираност? Со нивните штотуку расцветани животи? Вие сте дно на дното! Никој од нас не растел дете да стане херој, туку да стане човек… Вие ги убивте нашите деца!

Ееее убијци, многу од вас се исто толку виновни како и сопственикот на Пулс-монструм, почнувајќи од премиер, министри, разно – разни инспектори, па се до обичните полицајци, сите сте гледале, ама не сте виделе ништо! При очи сте биле слепи! Срамота! Бедни сте, ситни души кои за проклети пари на душа ќе ги носите нашите убиени и многу повредени деца! На душа…само што вие душа немате…

Затоа Ви кажуваме, дека ние родителите и блиските на нашите починати чеда, ќе продолжиме да излегуваме и понатаму, секоја сабота… и се надеваме дека на крај нема да останеме единствено само ние, доколку на нашите сограѓани им досади да не следат нас, кои ја бараме правдата за нашите убиени чеда …

Но, ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16. март, бидејќи ние си ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит…

Правдата мора да излезе на виделина!

Нашите безгрешни деца мора да бидат осветени!

Ние родителите, нема да дозволиме виновниците да останат неказнети!

Нашите деца ги нема повеќе, но можеби поради нашиот бунт кон овој трул државен систем ќе се смени нешто, па идните генерации ќе имаат побезбедна иднина од нашите деца.

Вечна Ви слава АНЃЕЛИ, утре наместо да кршиме јајца дома како секоја година претходно, ќе ви донесеме јајца на Вашите вечни почивалишта!“.

Денеска во Кочани ќе има нов протестен марш организиран од родителите на загинатите.

Фото: Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Почина 24-годишно момче кое било киднапирано и присилено да се самозапали

Редакција

Лога не одговори дали со Законот за амнестија ќе бидат ослободени двајца од осудените за „Монструм“

Редакција

„Абази го знае Али Ахмети само од телевизија“: Новиот шеф на ОЈО ГОК на „тапет“ на Твитер

Редакција