Во 2023 година од државниот буџет се исплатени повеќе средства за домашните отколку за странските инвеститори во Македонија. Соодносот е некаде 55:45 во полза на македонските компании, со што за прв пат во историјата домашните инвеститори ја добиваат вистинската и, секако, реално заслужената предност, изјави Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ на гостувањето на емисијата Аргумент плус на ТВ 24.
Во изминатите години постигнат е реален напредок во изедначување на домашните со странските инвеститори. Секако, останува уште многу работа, а приоритет во следниот период мора да биде и пробивот на домашни компании во ТИРЗ, вели тој.
„Нема никакво законско ограничување за влез на домашни инвеститори во зоните и добивање на современо ниво на инфраструктура и услови, какви што нудиме на странските инвеститори. Во изминатите три години постигнавме два договори со големи македонски компании, кои за жал не се реализираат.
Со полна одговорност како носител на јавна функција ќе кажам дека во државата се уште имаме институции што се „заробени“ во некое минато време. Едноставно, потребен ни е фронт на прогресивни поединци, институции и бизнис секторот за да можеме да ја промениме менталната матрица внатре во системот и конечно овие бариери да паднат“, кажа тој.
Фото: Unsplash