Македонското Собрание вчера со 69 гласа „за“, ги донесе измените на Законот за медиуми, со кој меѓудругото интернет-порталите и официјално станаа медиуми.
Законските измени го поминаа и гласањето со Бадентер.
Друга новина е тоа што сега и државата ќе има Регистар на издавачи на онлајн медиуми, кој ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Таков регистар веќе имаат Здружението на новинари на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија, од кој дел е и емагазин.мк.
Еден од условите кој предизвика најголема дебата во медиумската сфера беше тој онлајн медиумите да имаат тројца вработени со полно работно време, ако сакаат да бидат дел од Регистерот, а со амандмани во конечното решение, кое е изгласано, за исполнување на тој критериум, за големите онлајн медиуми е потребно најмалку двајца вработени, а за малите еден вработен и едно лице со договор на дело.
За интернет-порталите кои ќе влезат во Регистарот ќе има податоци за фирмата и седиштето, односно назив и адреса на издавачот на онлајн медиумот, име и презиме на одговорното лице на издавачот на онлајн медиумот, името на онлајн медиумот, интернет адреса на онлајн медиумот, а услов за влез во Регистарот е и онлајн медиумот да биде регистран на македонскиот мк или мкд интернет-домен.