Високи дипломатски извори за МИА велат дека ќе се разговара и за Западниот Балкан на денешниот ЕУ самит, безбедносната проценка е дека не е исклучен ризик од дестабилизација поради руско-украинската војна, јави дописничката на МИА од Брисел.
Лидерите на 27-те земји членки на ЕУ попладнево пристигаат во Брисел за вонреден самит посветен целосно на војната во Украина. Главната цел е усвојување на втор посилен пакет на санкции против рускиот режим откако тој ноќва ја нападна Украина.
Високи дипломатски извори за МИА потврдија дека „Балканот се усогласува со Европската Унија“ во делот на одговорите на руските воени дејствија и дека ЕУ е во постојан контакт со лидерите од регионот.
-Јасно е дека постои безбедносен ризик во регионот, оваа закана ја сфаќаме многу сериозно, рече дипломатот, кој додаде и дека за темата се разговарало на состанокот на Г7 групата денеска.
Европската Унија вечерва ќе се стреми кон единство во својот одговор и санкции кон Русија, објаснуваат дипломатите кои денеска интензивно ги брифираат новинарите пред почетокот на ЕУ самитот.
-Работиме на заклучоците за да имаме силна осуда, да повикаме веднаш да запрат воените дејствија, да се поддржи Украина, да се усвои вториот пакет на санкции и да се почне со работа за дополнителни рестриктивни мерки, објаснуваат во Советот.
На маса е исклучувањето на Русија од меѓународниот финансиски систем СВИФТ, забрани за извоз, но и укинување на слободното движење на руски граѓани, најверојатно таргетирани лица инволвирани на некаков начин во војната.
За разлика од изјавата на белгискиот државен секретар утрото дека треба да се забрани патување за сите Руси, во ЕУ расположението не е да се казнат обичните руски граѓани во овој момент.
Она што е важно за ЕУ во овој момент е вториот пакет санкции да биде посилен од првиот и да биде усвоен со единство на сите членки, за да се покаже обединет фронт пред Русија.
Енергетските прашања нема да се разговараат вечерва, бидејќи тие бараат потемелни разговори, а се чека и дали Кремљ ќе прогласи противмерки. ЕУ паралелно разговара со земји како Алжир, Норвешка, Катар, земји од југоисточна Азија, и се разбира САД, за набавка на енергетски ресурси.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Рот: Рускиот напад на Украина ја загрозува и цела Источна Европа, но и стабилноста на Западен Балкан
МИА/Фото: Влада