Вредносно најголем склучен договор за годинешниве двојни, парламентарни и претседателски избори во Македонија е за „транспорт и сместување на членови на изборните органи (ИО) во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) за избори“, склучен со Друштво за туризам, промет и услуги Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје во вредност од 50 милиони денари (813 илјади евра), покажува истражувањето Изборите и јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЦГК: Тендерот за гласањето на дијаспората е поголем од печатењето на ливчињата за сите гласачи
-Договорот опфаќа транспорт и сместување на по најмногу 8 лица на 31 дестинација во светот. Во оваа постапка понуди доставиле две фирми, Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје и Авиотурс Травел Сервис ДООЕЛ Скопје. Поради високата вредност, оваа тендерска постапка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.
Во текот на контрола се дадени одредени насоки до ДИК, но и во повторната евалуација на понудите, за најповолна е избрана понудата на Њу вејс оф травел.
Инаку, проценетата вредноста на тендерот е за 9 милиони денари повисока од вредноста на склучениот договор.
Договорот за транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва е повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што изнесува 46 милиони денари (748 илјади евра) склучен со Акционерско друштво Печатница Киро Дандаро заштитно друштво Битола.
Овој договор е склучен преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас. Оваа нетранспарентна постапка, со одобрение на Бирото за јавни набавки, е применета откако во претходна постапка за која бил објавен оглас се донела одлука за поништување.
Вистинската причина за поништувањето не е јавно објавена бидејќи во Известувањето за поништување на постапката е наведено образложение „бројот на кандидати е понизок од минималниот број предвидени за постапката за јавна набавка“.
Но, Законот за јавни набавки не предвидува минимален број на понудувачи во отворена постапка, каква што била применета во случајот. Инаку, за печатење на доверливиот изборен материјал се преговарало само со Печатница Киро Дандаро.
Третиот по големина договор е исто така склучен во постапка со преговарање без претходно објавување оглас со фирмата Дермалог Идентификејшн Систем ГмбХ за прилагодување на имплементиран Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите, стои во истражувањето.
Фото: Игор Бансколиев