еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Мерките на Владата за студентскиот стандард не се ниту доволни, ниту ефикасни, утврди државна Ревизија

Мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана и за реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на државните студентски домови, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Ревизорите утврдиле дека верификацијата која треба да ја направи Министерството за образование и наука (МОН) пред започнувањето со работа на студентските домови до денот на извршување на ревизијата не е извршена за сите државни студентски домови и нема воспоставен регистар на студентски домови, што неповолно влијае врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите и на реалноста на прикажаниот капацитет на домовите.

Не е изработен ниту посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.

Во ревизорскиот извештај е наведено дека вкупните средства кои се реализирани согласно Програмата за финансирање, реализацијата и развој на дејноста студентски стандард за 2022 година се во износ од 1.397.455 илјади денари (околу 22,6 милиони евра) и тоа: 50 отсто односно 701.482 денари се за студентски оброк, 30 отсто или 424.2010 за студентски стипендии, 17 отсто или 232.164 за расходи за сместување и исхрана во студентските домови и 3 проценти или 39.599 за други расходи.

-Воспоставениот начин на субвенционирање на студентскиот оброк од страна на МОН преку исплата на трансакциските сметки на студентите не овозможува да се потврди дека исплатените средства за 2022 година во износ од 701.482 илјади денари (околу 11,37 милиони евра) или 50,2 отсто во вкупните средства за студентскиот стандард се користат исклучиво за намената која е определена со Законот за субвенциониран студентски оброк, при што во текот на 2023 година направени се измени во Законот за студентски оброк во обид да се намали можноста од вакво постапување на корисниците на средствата, се наведува во извештајот.

Во ревизорскиот извештај е нотирано значително намалување на сместувачките капацитети кај сите државни студентски домови (ДСД) во период 2019 – 2022 година односно од 5815 легла на 4.490 во 2022 година, што претставува 77,28 проценти пополнетост, но и отстапувања во бројот на сместени студенти во однос предвидени со конкурсот.

Извештајот посочува и дека објектите кои ги користат ДСД во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење; имаат неизедначени услови, а нотирано е и незадоволство на студентите од исхраната, сместувањето и функционирањето на домовите.

– Од страна на ангажираниот независен експерт извршена е анализа на соодветноста на утврдената цена за сместување која е основен извор на приходи на ДСД и е утврдено дека таа не е променета од 2008 година и изнесува 6.820 денари месечно за 10 месеци во годината од која МОН партиципира 50 отсто од цената, а остатокот го плаќаат студентите.

Истата не обезбедува задоволително ниво на финансиска одржливост на домовите што упатува на потреба од реално определување на економската цена за сместување и исхрана по студентите во ДСД, наведува ДЗР.

Во соработка со ангажиран независен експерт, ревизијата спровела и анкета на задоволството на студентите од условите во студентските домови. Со оценки од 1 до 5 на поставените прашања одговориле 286 студенти односно околу 8,25 отсто од вкупниот број.

Најниска просечна оценка (1.67) е дадена за техничката опрема (принтер, фотокопир, компјутер, ТВ) и за стабилноста и брзината на Интернетот (1.81). Квалитетот на исхраната е оценет со 2.64, хигиената сосе достапноста на топла вода (2.41), условите/атмосферата за учење (2.53).

Меѓу 2 и 3 просечна оценка според студентите се условите за спорт и рекреација, културно-забавните активности во студентскиот дом, загревањето и ладењето на просторот, безбедноста на објектот и опременоста и физичките услови на собите во кои се сместени. Над 3 просечна оценка студентите дале за состојбата и функционалноста на мебелот (3.33) и за заедничките простории – менза, читална/библиотека, дворна површина (3.07).

Врз основа на податоци добиени од државните студентски домови извршена е и анализа на количината на основни прехранбени продукти кои се најзастапени во исхраната на студентите во поединечни студентски домови.

Во делот на инвестициите ревизорите нагласуваат дека Проектот за енергетска ефикасност со кој се планира темелна реконструкција на сите државни студентски домови во земјата е започнат од МОН.

За овој проект е обезбеден кредит и грант во вкупен износ од 24.785.067 евра, меѓутоа постои неизвесност во врска со доволноста на обезбедените средства за целосно реализирање на овој проект согласно планираното, а активностите за реконструкција на домовите се уште не се почнати.

За изградениот студентски дом во Тетово, со капацитет од 300 легла, нотирано е дека се уште не е изготвен записник за технички прием и не е целосно завршена постапката за пуштање на овој објект во употреба согласно законските прописи.

Во однос на стипендирањето на студентите, во извештајот се посочува дека се воспоставени неколку мерки кои се соодветни, но не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми, а поради аплицирање кај повеќе од една група стипендии, обемната документација и недоследностите при утврдување на исполнетоста на условите, дел од стипендиите не се доделени.

Дополнително, ревизорите утврдиле дека е воспоставен начин на стипендирање за студирање во странство со кој не се обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата.

За мерките за студентско стипендирање, ревизорите процениле дека се соодветни, но не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми. За дел од студиските програми е предвиден износ на стипендија кој е трипати повисок од редовниот износ утврден во висина од 6.050 денари, за кој постои можност за подобрување преку реструктурирање на останатите расходи од Програмата.

-Со мерките за стипендирање на студенти по конкурсот за 2022/23 година предвидени се 3105 стипендии, од кои се одобрени 2509, а со вклучени стипендии кои се претходно одобрени, бројот на стипендирани студенти изнесува 6179 студенти. По овој основ МОН во текот на 2022 година има исплатен износ во висина од 235.849 илјади денари (околу 3,8 милиони евра), наведува ДЗР.

Ревизорите евидентирале намалување на бројот на одобрени стипендии во периодот 2019-2022 година, но и зголемување на број на апликации како и бројот на одбиени студенти, кој за 2022/23 година достигнал до 2.942 што укажува на голем интерес на студентите но и на слабости во постапката за доделување на стипендиите особено во делот на обезбедување на потребната документација.

Утврдиле и дека за студирање на еден од првите 100 Универзитети во светот во 2022 година за 111 студенти, исплатени се средства во износ од 188.361 илјади денари (околу 3 милиони евра) кои имаат учество од 44,4% во вкупните средства за стипендии. Притоа максималниот износ кој МОН го исплаќа за еден студент износува до 40.000 долари и за престој месечно од околу 45 илјади денари за вкупно 10 месеци во текот на годината.

Голем дел од стипендираните студенти не ги почитуваат договорните услови и не се враќаат во земјата по завршувањето на студиите поради што средствата не се ефикасно искористени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа 20 лица од Ковид-19, вкупната бројка достигна 2.550

Редакција

Убава вест: 2.418 оздравени од Ковид-19

Редакција

„Авицена“ го доби тендерот на Клиниката за ендокрионологија за набавка на реагенси вреден 100.000 евра

Редакција