По формирањето на новата влада, Платформата за родова еднаквост изразува сериозна загриженост за недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување, реагираат од таму.
„Имено, и покрај тоа што државата постигна пресвртница со изборот на првата жена Претседателка на државата – достигнување за пофалба што Платформата го поздрави – моментумот за што пошироко вклучување на жените на високи позиции на влијание и одлучување се чини дека е во застој.
Вознемирувачки е што исклучувањето на жените од извршната власт е силно евидентно во новоформираната влада. Претходната влада имаше скромна 25% застапеност на жени во министерски улоги (5 од 16 министерства). Сепак, оваа бројка сега е намалена за половина, при што само 3 жени земаат министерски позиции од вкупно 24 (или само 13%).
Овој регрес е особено алармантен со оглед на иницијативата на Комисијата за еднакви можности при Собранието од 2023 година, која имаше за цел да воведе промени во изборниот законик кои подразбираа промена на постоечките квоти за репрезентативни позиции (пристап 50-50, односно 50% учество на жените во советите на локалните самоуправи и во собранието), како и вклучување квоти за позициите со извршна и одлучувачка моќ (30% за градоначалнички и 40% за министерски позиции),“ се вели во соопштението.
Во него се додава дека воведувањето на квоти во 2002 година значително ја подобри застапеноста на жените низ годините, но бенефитите не се проширија на позиции кои не се регулирани со квоти, што укажува на постоечки системски предизвици за жените во политиката.
„Составот на актуелната влада забележува загрижувачки пад на политичкото учество на жените, што сигнализира регрес во полето на родова еднаквост во политиката.
Наодите од истражувањата покажуваат дека една од главните причини за недоволното учество на жените во политиката е токму недостатокот на политичка волја и несоодветната поддршка од политичките партии за вклученост на жените во процесите кои подразбираат моќ на индивидуално одлучување.
Овие пречки потекнуваат од вкоренетите родови стереотипи и одбивањето правично да се распредели моќта за одлучување. Таквиот отпор е штетен, не само за жените, туку и за општеството како целина, бидејќи го попречува решавањето на прашања клучни за подобрување на квалитетот на животот на барем половина од населението.
Од клучно значење е да се истакне дека Македонија може да се пофали со поголем процент на високообразовани жени во споредба со мажи. Затоа, потсетуваме дека прашањето на недоволно политичко учество не е поврзано со недостатокот на амбиција или образовна квалификација кај политичарките, туку истите се соочуваат со системски бариери и постојано обесхрабрување од професионалната сфера, јавноста и приватната околина, што го задушува нивниот политички ангажман,“ се додава во соопштението.
Од Платформата за родова еднаквост повикуваат на итна акција за отстранување на бариерите за вклучување на жените во политиката и обезбедување еднаква и правична застапеност на сите нивоа на власта.
Постигнувањето на вистинска родова еднаквост не е само прашање на правичност, туку е и неопходен предуслов за демократски и социјален напредок на Македонија.
Фото: Кабинет на претседателката