еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Вјоса Османи е новата претседателка на Косово

Вјоса Османи е нова претседателка на Република Косово, откако вчера за нејзиниот избор гласаа мнозинството пратеници во републичкото Собрание, јави дописникот на МИА од Приштина.

Досегашната пратеничка, а поранешна собраниска спикерка на Собранието и вршителка на должноста претседателка на државата, 39-годишната правничка Османи, го доби петгодишниот мандат на чело на државата во третиот круг на гласање, откако за неа гласаа 72 пратеници.

Неважечки беа 11 гласачки ливчиња, додека противкандидатот на Османи, Насуф Бејта не освои ниту еден глас.

По првите два круга гласање ниеден од двајцата кандидати за претседател на Косово не ги доби потребните две третини од гласови на републичките пратеници за да биде избран, така што се одржа и третиот круг гласање, во кој, за да биде избран, на еден кандидат му беше потребно просто мнозинство од 61 глас.

Обајцата кандидати за нов шеф на државата се предложени од редовите на владејачкото движење Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, со тоа што Бејта, како што и самиот имплицира во изјави за медиумите, учествуваше формално, колку да се запази формалната процедура.

Во првиот круг гласаа 81 пратеник, Османи доби 69 гласа, Бејта ниту еден, а 12 гласачки ливчиња беа неважечки. Во вториот круг, во кој гласаа 82 пратеници, Османи освои 67, Бејта 4 гласа, а 11 ливчиња беа неважечки.

Според Уставот на Косово, за да биде избран за претседател на државата, за еден кандидат треба да гласаат две третини, односно 80 од пратениците во 120-членото Собрание.

Доколку во првите два круга ниеден од кандидатите не ги добие потребните гласови, во третиот круг се избира кандидатот што ќе освои 61 глас, но под услов да гласале најмалку 80 пратеници.

Доколку и во третиот обид не се избере претседател на државата, Собранието се самораспушта и се закажуваат нови парламентарни избори, кои треба да се одржат во рок од 80 дена.

Вјоса Османи е петта претседателка на Косово од осамостојувањето на државата. Пред неа на чело на државата беа Ибрахим Ругова, Фатмир Сејдиу, Атифете Јахјага и Хашим Тачи.

МИА/Фото: Фејсбук/Османи

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија: Денарот останува стабилен

Редакција

Има ли шанса Катица Јанева од Шутка да заврши во домашен притвор?

Редакција

Соборен руски проектил падна врз село во Молдавија, нема жртви

Редакција