На денешното рочиште за убиството и грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, обвинетиот Велибор Манев раскажа и како била грабната и убиена Ѓорчевска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Палевски го убил Жежовски, пукајќи му во слепоочница, кажа обвинетиот Манев
Тој кажа дека откако претходно групата обвинети во два наврати не успеала да ја грабне надвор од зградата, првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо им објаснил како се отвора вратата на зградата и внатрешниот ентериер. Им го посочил и распоредот на скалите, дека позади има подрумски скали и дека одвнатре може полесно “да се земе жената“.
Тој мислел дека ќе киднапираат жена, а не девојче. Така му било кажано од Палевски.
Во зградата на денот на киднапирањето на Ѓорчевска влегол со обвинетиот Боре Видевски, кој ја грабнал и ѝ ја залепи устата со селотејп.
Ја врзале и ја ставиле во вреќа за спиење, а потоа ја ставиле во гепекот од возилото „цитроен„.
Додека Манев пред Судот раскажуваше детали, таткото на Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, исто така обвинет, почна да плаче, беше изваден од судницата и беше дадена пауза.
По продолжувањето, Манев сподели и морничави детали како е убиена Ѓорчевска.
-Стасавме до местото Оризови дупки, и го отворивме гепекот. Палевски ја праша како се вика, чија е, кој ѝ е татко, мајка. Откако го дозна тоа, ни рече да ја извадиме од колата за да ја слика.
Откако ја извадивме од колата, ја откопча вреќата за спиење и го извадивме селотејпот.
Тогаш видов дека тоа е дете, дека не е жена. Му рековме, јас и Влатко (Кешишев, другиот обвинет, н.з.): „Ова е некоја грешка, да ја пуштиме назад. Под маски сме, никој нѐ нема видено, да ја ослободиме“, рече тој, посочувајќи дека Палевски му рекол дека се е чисто и дека нема за што да “берат галје“.
Раскажа дека потоа Палевски и пришол на Ѓорчевска, со перниче во рака, преку кое го испукал куршумот.
-Јас бев надвор од себе. Палевски се врати во пикапот, извади копач, мотика и ашов. Нови, неупотребувани. Ги фрли кон нас и ни нареди да ископаме дупка за да се закопа детето. Копавме во таа смрзната земја.
Тој ја фати од кај главата, и ми рече: „Ти земи ја“, па јас и Влатко ја фативме кај нозете и заедно со Палевски ја спуштивме во дупката. Палевски ја извлече вреќата за спиење и ја фрли во „цитроенот“. Ни нареди да закопуваме.
Со солзи во очите, без да ме видат, почнав да закопувам, раскажа тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Влада