Идниот македонски премиер Христијан Мицкоски, кој добива забелешки, предупредувања, но и закани, бидејќи не го користи уставното име на државата, денеска изјави дека меѓународните договори треба да се почитуваат и за него за тоа нема никаква дилема, но тоа е двонасочна улица, посочува тој.
-Договорот е договор помеѓу најмалку две страни, и треба и двете страни да го почитуваат. Ако конкретно мислите на Преспанскиот договор, и ние како идна влада го почитуваме во детали, се што е дел од нашето законодавство, во Устав, се почитува во детали, и тука не треба да има никој никаква дилема.
Но, истовремено очекувам и вториот потписник, а тоа е нашиот јужен сосед, да ги почитува. Креиравме документ колку е имплементрирано од наша страна, а колку е имплементирано од грчка страна, и планираме да го запознаеме секој оној којшто е љубопитен да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот меѓународен договор, рече Мицкоски.
Мицкоски рече и дека очекува сите наши стратешки партнери кои се дел од тие договори да ги почитуваат онака како што и ние како држава ги почитуваме.
Фото: Игор Бансколиев