Уставниот суд е изложен на притисок од страна на повеќе групи должници, наводни заштитници на правата на граѓаните, како и од поединци кои остро ја нападнаа оваа институција, а нападите одеа и дотаму што се доведе во прашање и физичкиот интегритет на некои уставни судии.
На последниот состанок на Управниот одбор на Адвокатската комора беше констатирано дека вакви притисоци врз Уставниот суд се недозволиви и спротивни на заложбите за заштита на уставноста и законитоста, велат од таму.
„Водејќи се токму од уставното начело за владеење на правото, Адвокатската комора го повикува Уставниот суд да не подлегнува на какви било притисоци во врска со иницијативата за оценка на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи, ниту да биде дел од какви било политички или други калкулации, туку да одлучува единствено имајќи го предвид начелото на заштита на Уставот и на владеењето на правото.
Само на тој начин може да се врати надежта и вербата во институциите, како и почитувањето на правната држава“, констатира Адвокатската комора на последниот состанок на Управниот одбор.
Заклучоците на Управниот одбор на Адвокатската комора се испратени до Уставниот суд.
Адвокатската комора во неколку наврати го искажа својот стручен став по однос на членот 2 од Законот за измени и дополнувања на Законот за облигациони односи. Со наведените измени се наруши правниот ред и поредок, се поттикна финансиска недисциплина, при што должниците се ставија во привилегирана положба, наспроти доверителите, а се наруши и финансиската стабилност на државата.
Според Уставот, правото на сопственост е загарантирано право на секој граѓанин и правно лице. Уставот е највисок правен акт во државата, па оттука сите законски, подзаконски акти и други пишани правила треба да бидат во целосна согласност со овој правен акт.
„Покрај другите проблеми што ги предизвикаа овие законски измени, се појавуваат и низа прашања, како на пример што ќе се случува со данокот на додадена вредност и со другите даноци кои фирмите ги плаќаат однапред, пред да го платат долгот. Ова особено се однесува на данокот на добивка.
Како резултат на ваквите законски измени фирмите се доведуваат во ризик и од намалување на ликвидноста. Физичките лица односно граѓаните, кои не можат да ги наплатат своите побарувања, ќе изгубат пари или други добра, што ќе придонесе за зголемување на социјалните случаи“, сметаат од Адвокатската комора.
Стручните тимови на комората извршија и компаративна анализа која покажа дека многу од земјите како што се Хрватска, Босна и Херцеговина и други немаат застарување на долговите.
Исто така, комората напоменува дека доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбур, согласно воспоставената пракса на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа која ќе ги плаќа штетите.
Исто така, новите законски одредби се спротивни и на меѓународното право, бидејќи постои судска пресуда од Европскиот суд за човекови права, донесена за случајот „Бочварска против Република Македонија“ под број 27865/2, каде судот се произнел дека побарувањата мора да се третираат како сопственост.
Фото: Унсплеш