еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Бесплатен влез и над 30 музички ѕвезди и хуманитарна мисија на Д Фестивал во Штип

Д Фестивал, најголемиот летен open-air музички фестивал во Македонија оваа година одбележува јубилејно 15 издание кое ќе се одржи од 4 до 6. јули во Штип со бројни новости во својот програмски концепт.

Единствениот мултимедијален настан каде што музиката, уметноста и заедништвото се спојуваат во едно уникатно доживување, оваа година добива поголема хуманитарна мисија која Фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Support Kocani“.

Имено, Д Фестивал ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1.500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за иницијативата „Support Kocani“.

Овие билети од денеска се достапни во продажба, онлајн на веб-страницата МкТикетс, на линкот: mktickets.mk.

Хуманитарната мисија на Д Фестивал е акт на солидарност, сочувство и обединување, по трагедијата што ни се случи во Кочани – трагедија што нè потресе сите, без разлика дали сме дел од музичката сцена или од пошироката заедница.

„За Д Фестивал, кој отсекогаш се залагал за заедништво, за безбедност и поддршка, суштински е да се реагира на секој можен начин, за помош онаму каде што е најпотребно, но и понатаму, за носење на иницијативи кои ќе придонесат во општото функционирање, зголемување на безбедноста, културното издигнување и одговорноста во нашата заедница.

Во оваа насока, го потенцираме нашиот став дека Д фестивал не е само простор за забава и уметност, туку и платформа за добрина, поддршка и заедничко делување. Веруваме дека културата има сила да сплотува и да ги поттикнува токму тие вредности. Па затоа ова лето, заедно ќе бидеме дел од едно поинакво, посветено издание на Д Фестивал“, кажа тимот на „Пасворд Продакшн“, организаторот на Д Фестивал, на денешната прес-конференција која се одржа во Штип.

На прес-конференцијата учествуваше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој во оваа прилика изјави: „Горд сум што брендот Д Фестивал заедно со Пасворд Продукција која го организира сите овие години го донесовме во Штип и се надевам дека ова е еден убав почеток на успешна приказна за градот.

Со Д Фестивал, градот Штип ќе ја прошири својата културна понуда и во летниите месеци, а верувам дека со овој фестивал, Штип ќе добие и една нова можност за културен туризам. Значењето на Д Фестивал ќе биде големо за нас како град и за локалната економија со тоа што илјадниците гости на Д Фестивал ќе ги користат нашите капацитети за време на фестивалот.“

Голема поддршка на Д Фестивал се и партнерствата со општествено-одговорни компании, а од самите почетоци на Фестивалот таков партнер е Пивара Скопје, кои за новото поглавје на Д Фестивал ќе кажат: „Чест ни е што уште од самиот почеток, веќе 15та година по ред, сме дел од оваа приказна. Скопско и Скопско Smooth во својата ДНК ја имаат посветеноста на поттикнување и поддржување на креативноста, автентичноста и себереализацијата. Овие вредности се длабоко усогласени со духот на Д Фест кои беа препознаени уште на самиот почеток, и тоа е она што ја прави нашата соработка толку природна.

Години наназад го поддржуваме развојот на овој настан како платформа што ја слави моќта на музиката, собирајќи на едно место уметници и заедници кои ја споделуваат пасијата за поместување на границите. Чест ни е што продолжуваме да бидеме дел од оваа приказна и со нетрпение очекуваме уште многу години соработка, иновации и прослава на музика што инспирира”, изјави Милена Спасевска од Пивара Скопје.

Повеќе од 30 музички изведувачи ќе настапат на Д ФЕСТИВАЛ 2025

На денешната прес-конференција беше презентирана и музичката програма на Д Фестивал 2025 која ќе се одвива на двете најголеми бини на овој фестивал, Главната бина и „Москито Стејџ“ каде што во трите вечери, од 4 до 6. јули ќе настапат повеќе од 30 музички изведувачи.

Најголем дел од програмата го сочинуваат домашните артисти, а во таа листа ќе се запишат дел од најрелевантните претставници на современата македонска музичка сцена, уметници кои со своето дело веќе оставија неизбришлива трага, но и сѐ уште ја восхитуваат музичката јавност со своето творештво и сценски изведби: Архангел, Кирил Џајковски, кој ќе настапи заедно со Tk Wonder и Rootsmani I, Мизар, Фолтин, Љубојна, Пијан славеј, Паркети.

Покрај нив, ќе настапат и водечките претставници на новата македонска музика: Дина Јашари, Peach vice, Dope kukjata, Последен удар, Princess Donatsu, Don Playa, ZEE & Matej Foltz, Кем, Moira, Nikartic, Gwass, диџеите Флудер и Мана.

Од светските ѕвезди, на Д Фестивал доаѓаат британските дарк-рок пионери The Sisters of mercy. Ова е култно име на глобалната дарквејв сцена и бенд кој повеќе од четири децении го восхитува светот со својот препознатлив звук и интензивни сценски настапи.

Од Јамајка во Штип ни пристигнуваат и вистинските легенди Inner circle. Со хитови како “Bad Boys”, “Sweat (A La La La La Long)” и многу други, ова е несомнено еден од најголемите реге бендови на сите времиња.

Фановите на најжестокиот звук пак, ќе имаат чест да уживаат во настапот на култниот бразилско-американски метал бенд Soulfly, предводен од славниот Макс Кавалера.

Најзаразниот рефрен од актуелниот избор за песна на „Евровизија“ пристигнува на Д Фестивал со третопласираниот артист од финалето, Tommy Cash, рап изведувачот, танчер и визуелен уметник од Естонија.

На Д Фестивал годинава нема да изостанат ниту ѕвездите од регионот, па македонската публика ќе има прилика да ги погледне секогаш импресивните и извонредни Буч кесиди – убедливо највозбудливиот бенд на новата балканска поп-рок сцена и С.А.Р.С. – докажано еден од најомилените бендови на овие простори.

Кон оваа листа на изведувачи наскоро ќе бидат додадени и нови имиња, а публиката на Д Фестивал ќе има привилегија да биде дел од тридневниот музички маратон со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за сите посетители, од 4 до 6 јули во Штип.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

43 лица од починатите од коронавирусот во Македонија имаат хронична и здравствени состојби

Редакција

(Фото) Нашата Сара на гламурозна ревија за брендот Долче и Габана

Редакција

Мицкоски вели оти во манастир случајно се сретнал со претседателот на бугарскиот клуб “Цар Борис Трети“ и оти не го познава

Редакција