По 15 години прекин, Бугарија повторно ја воведе непопуларната мерка дезинфекција на возилата на граница, за што превозниците ќе треба да плаќаат по 20 евра.
За сега оваа мерка е воведена само на граничниот премин со Турција, Капитан Андреево – Капикуле, но постојат информации дека ќе почне да се применува и на другите гранични премини.
На овој проблем денеска укажа Транспортна асоцијација БЕСТ Мобилити – НТА, која бара итна реакција и интервенција од надлежните органи.
Претседателката Оливера Миовска информираше дека ова ќе значи директен трошок од 20 евра по возило, како и индиректна финансиска штета со зголеменото време на чекање и на минување на границите, што се одразува на вкупното времетраење на транспортите на стоки.
„Оваа практика беше прекината по долгогодишна борба на превозниците пред 15 години, а сега повторно се воведува. Претставниците на турските и грчките превозници веќе размислуваат за алтернативни транспортни коридори, што само укажува на сериозноста на ситуацијата и потенцијалот за економски и логистички последици при регионалната размена.
Македонските превозници, кои често ја користат оваа рута, се соочуваат со истите последици и се подложни на новите оптоварувања наметнати од Бугарија. Како претставник на македонските транспортери на национално и меѓународно ниво, а и како потпретседател на БСЕЦ-УРТА, сме согласни дека оваа неправедна и оптоварувачка мерка треба да биде укината што е можно поскоро,“ вели Миовска.
Турција веќе вовела реципрочни мерки, само за тој граничен премин и само за бугарските возила.
Фото: Unsplash