Првпат во државата, во клиниката Жан Митрев, тим од интервентни кардиолози имплантираа биолошка валвула кај 43-годишна пациентка со тешка пулмонална стеноза. Овој пример на интервентна кардиологија не само што овозможи минимално инвазивен третман, туку ѝ даде шанса за подобар квалитет на живот на пациентката која со децении се соочуваше со последиците од пулмоналната стеноза.
Пулмоналното валвуларно стеснување кај пациентката било третирано многу пати претходно – ѝ биле направени две операции, едната веднаш по раѓањето пред 43 години, а втората во 2005 година. Дополнително, таа била подложена и на уште четири балон дилатации на истата валвула, која за жал повторно се стеснила.
Успешната интервенција ја изведе тимот од интервентни кардиолози д-р Оливер Бушљетиќ, д-р Вилма Ампова-Соколов и д-р Даниел Униќ (кардиохирург – проктор за ТАВИ процедури), а пациентката била стабилна во текот на целата процедура.
„Очекуваме дека заморот и тешко дишење ќе бидат намалени, а толеранцијата за физички напор ќе биде значајно зголемена, како и самиот квалитет на живот. Ова е помалку инвазивна метода, без отворање на градниот кош и без екстракорпорални циркулации. Очекуваме пациентката да се опорави многу брзо и за два, до три дена да замине дома“, додава д-р Бушљетиќ.
„Исклучително сум задоволен што можев да му помогнам на овој одличен тим во клиниката Жан Митрев во исклучително сложената процедура на вградување на транскатетерски залисток на местото на претходно вградена биолошка протеза. Тоа беше направено кај млада пациентка која веќе е оперирана неколку пати и во детството и во зрелоста.
Сега дојде ред да се ослободиме од стенозата на нејзината пулмонална артерија. Во ова успеавме со имплантација на валвулата „Мајвал 27,5“ преку транскатетерски пат преку феморалната вена. Немаше никакви компликации, резултатот е одличен и се надеваме дека пациентката ќе се опорави брзо и ќе има корист од него во иднина“, изјави д-р Униќ.
Оваа сложена интервенција е можност за третман на вакви комплексни пациенти кои имаат вродени аномалии во форма на пулмонални валвуларни стеснувања, многу полесно да бидат истретирани без да бидат оперирани.
Станува збор за процедура која заедно со онаа за аортна валвула, во клиниката Жан Митрев се изведува преку Фондот за здравствено осигурување. Ваквиот вид интервенции воедно претставуваат вистинска можност за комплексните пациенти кои се оперирани веќе неколку пати.